Дескоска: ВМРО-ДПМНЕ да престане да бара дополнителни основи за опструкција

by fokus

ВМРО-ДПМНЕ да престане да бара дополнителни основи за опструкција, вели министерката за правда Рената Дескоска во изјава за МИА, откако на денешната собраниска Комисија за политички систем пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа Законот за поништување на лустрацијата да го образложи лично таа.

-Деловничките обврски се исполнети и Комисијата треба да продолжи со работа, а ВМРО-ДПМНЕ да престане да бара дополнителни основи за опструкција, вели Дескоска.

Претседателот на собраниската Комисија за политички систем Александар Кирацовски го одложи почетокот на седницата на која на дневен ред е Законот за поништување на лустрацијата на барање на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ предложениот текст пред нив да го образложи министерката за правда Рената Дескоска.

Кирацоски даде пауза од 30 минути, за, како што рече, да ја контактира министерката иако на седницата беше присутен заменик министерот за правда Оливер Ристовски.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ побара министерката за правда да дојде на седницата и да го образложи Законот со кој се овозможува поништување на лустрацијата и давање можност за нивно обештетување.

Според Милошоски, со овој закон на кодошите кои напредувале во кариерата врз таа основа им се овозможува дури и обештетување. Предложениот закон е во спротивност со Резолуцијата на Советот на Европа од 1996 година со која се препорачува сите држави каде што имало поранешни комунистички режими да воведат лустрација.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ ја отвори дилемата дали во државата е поважно да се поништи лустрацијата на кодошите или да се донесе системски закон за жртвите на државните кодоши.

Пратениците од опозициската партија на седницата реагираа дека министерката Дескоска речиси и да не дошла на седници на оваа Комисија да образложи законски предлози.

Поврзани новости