Дали знаеме дека дека во Македонија има 185 000 болни од дијабетес, 43 000 од нив кои се на инсулинска терапија и над 10 000 кои користат инсулин со исцрпени резерви? Дали знаете дека голем број од овие дијабетичари се пред свршен чин и подложеност на нагла промена на инсулин? Дали некој за нив се интересира и дали некој ќе напише и понуди јавна поддршка и мислење?
Иако многу малку сум упатен во целава оваа „игра“ со нов инсулин, решив да напишам збор – два во името на пријателите кои имаат дијабетис а и поради тоа што гледам дека медиумите многу малку го анализираат овој „проблем“ а докторите не говорат јавно. Јавната дебата ја нема а гласот на дијабетичарите ретко кој до сега го слушнал.
Планот е во Македонија да се нуди нов инсулин за пацинетите, поевтин од претходниот, само со цел да се направи заштеда од 150 милиони денари. Сето тоа е во ред кога станува збор за заштеда на пари, но дали новиот инсулин ќе гарантира нераздразливост на организмот кај пациентите? Може и ќе биде подобар од претходниот, но за тоа да се воочи мора да се направат претходни испитувања затоа што треба време организмот да ја прифати промената а и секој организам различно реагира при промената на терапија.
При промена на таков вид терапија најпрво мора извесно време пациентите да бидат под внимателен надзор на медицинско лице преку кое ќе се регулира гликемијата, притисокот, ЕКГ-то, килажата а и ќе се прават контроли од секаков вид на крв и урина. Ако сето тоа министерството за здравство им го гарантира и бесплатно ќе им обезбеди контроли во период од извесно време, тогаш новиот инсулин нека биде за доброто на сите. И здравјето на дијабетичарите и за буџетот на министерството.