Полициски казни од 300 евра за уличните продавачи на пиперки

by lali 13:27
13:27

Уличните продавачи на црвените пиперки за ајвар се казнуваат по 300 евра затоа што узурпираат јавни површини и со тоа го загрозуваат сообраќајот. Таквите казни им  одредуваат полициските патроли кои секојдневно ги отстрануваат струмичките земјоделци од дивите продажни места.

Деновиве, откако е зголемена нивната продажба, напишани се првите десетина казни. На земјоделците им се остава рок од осум дена да платат половина од износот. Среќа е што до сега не им налетала некаква инспекција, како УЈП или пазарна. Дури тогаш продавачите нема да знаат како да платат, со оглед дека нивните казни се неколкупати поголеми од казните кои полицијата ги одредува согласно Законот за безбедност на патиштата.

Една од полициските акции забележавме вчера во доцните попладневни часови на улицата Трета македонска бригада, пред амбуланатата „Пролет“. Таму имаше паркирано четири камиони полни со пиперки и десетина земјоделци. Две полициски возила со неколку полицајци за неколку минути ги отстранија камионите. Не можевме да забележиме дали им напишаа казни.

- Advertising -

Утринава истите камиони одново се паркирани на истата локација, покрај сообраќајницата, на тротоарот. Продавачите тврдат дека се уште нема пријава за нив, но стравуваат дека повторно ќе се соочат со полицијата. Слушнале дека нивни пријатели веќе се казнети, но нагласуваат дека тоа не ги премислува да се повлечат кон Струмица.

Според законот на МВР, заради безбеден и непречен сообраќај, покрај многуте забрани, е наведено дека се забранува да се продаваат производи. Практично, кога полицаецот ќе налета на уличен продавач, во случајов на пиперки од камион, треба веднаш да му напише казна.

CAM00151

ЗА ДА НЕ ПРОПУШТАТ ДНЕВЕН ПРОМЕТ, БИ ПЛАТИЛЕ И КАЗНА

Дали дневната заработка и потрагата по егзистенција ги охрабрува земјоделците, и по казнувањето, да се појават на некој паркинг, тротоар, па дури и сообраќајница?

Продавачите на пиперки за ајвар отворено зборуваа за „Фокус“ кога се пожалија на земјоделскиот живот, сиромаштијата и стравот од полицијата и инспекторите. Раскажуваат дека тие што ќе паркираат на подобра локација низ Скопје и имаат здрави пиперки дневно продаваат до тон и пол. Ако ги продадат по цена од 23 денари имаат промет од 30-тина илјади денари. Такви ударни денови, со толкава продажба, имаат еден месец. Еден млад продавач пресметал дека годинава е можно да оствари промет од 10 до 15 илјади евра. Секако, повеќе од половината му се трошоци за производство.

Затоа земјоделците и пркосат на полицијата. Откако ќе ги избрка, тие ноќта заминуваат до Струмица по нова тура пиперки за утрината да се вратат или пак, се кријат по паркинзи во периферијата на градот за да преспијат во камион. Утрината ги отвораат церадите и изложуваат пиперки со помислата дека е подобро да платат казна од 150 евра (во првите осум дена) отколку да го испушти прометот од 20 или 30 илјади денари. Се надеваат дека нема да бидат казнети повеќе од еднаш или два пати во текот на месецот. Така што, две до три казни од по 150 евра нема многу да им влијаат на прометот од 10 -тина илјади.

Втората причина да не се откажат од уличниот пазар е секако сиромаштијата. Ако не ги продадат пиперките овие две до три седмици нема да можат да ја истуркаат годината. Речиси сите продавачи го имаат ангажирано целото семејство и во производството и во продажбата. Затоа од тие пари мора да се прехранат, да платат сметки, да школуваат деца, одново да инвестираат во нивите…. Со тешка мисла за секојдневието и соочени со голема конкуренција, тие не се откажуваат, ќе спијат и продават на улица само гладни да не останат.

CAM00162

ОТКУПНИТЕ ЦЕНТРИ СО ПОЛОВИНА ЦЕНИ ОД УЛИЧНИТЕ

Со струмичките земјоделци позборувавме и за откупот на пиперките за ајвар на пунтовите низ струмичкиот регион. Тврдат дека понудените цени од големите фирми, како и на Агрокор, не им ги покриваат трошоците. За производство на еден килограм ајварка се трошат од 12 до 15 денари, исто колку што им се нуди од откупувачите. На отворено го продаваат и до 23 денари. Иако имаат патни трошоци за турите пиперки, иако преспиваат во камион, иако се соочени со полициски казни, сепак пресметале дека подобро е самите да ги продаваат, отколку да ги предадат на поголемите.

Некои од земјоделците ги предаваат, пред се тие со поголеми земјишни парцели кои произведуваат по стотина тони или, тие што се организирани во некакви земјоделски задруги. Ним едноставно им е полесно огромната количина да ја продадат наеднаш и по пониска цена, отколку да ризикуваат дека дел од приносот ќе им остане непродаден.

Голем дел од пиперките завршуваат на странските пазари, особено во државите од регионот. Таму, според официјални податоци, пиперките достигнуваат цена и до 50 денари за килограм.

Поврзани новости