Македонците и во ек на панедмија се интересираат за новогодишен дочек во странство

by Fokus

Состојбата и препораките се менуваат од ден во ден, но сепак има интерес за патувања надвор од земјава за новогодишните празници – велат од повеќе познати туристички агенции во земјава. И покрај лошата состојба со корона вирусот и преполните болници, голем број на граѓани не се откажуваат од дочекот на новата година во хотели во странство.

Достапни биле пакет аранжмани во Србија, најголем бил интересот за хотелите во Копаоник и Белград, како и понуди на повеќе локации во Турција.

-Во Србија и Турција барем засега не се бара негативен тест за влез во земјата, можеби и поради тоа има поголем интерес за овие дестинации. Има понуди за секој џеб, на пример аранжман за дочекот на новата година во Истанбул, се патува со автобус, цената за две ноќи е 150 евра. Слични цени има и за аранжмани во Србија, граѓаните се јавуваат, се интересираат, но сепак повеќето се одлучуваат да причекаат уште некое време, да видат како ќе се одвива состојбата со пандемијата, за да одлучат дали конечно ќе уплатат- појаснуваат од популарна туристичка агенција од Скопје.

Додаваат дека во понудите за празничните патувања во Турција со кои располагаат, нема детали за организиран дочек на новогодишната ноќ во хотелите, што најверојатно значи секој сам да одлучи каде ќе го помине дочекот, дали во хотелска соба или пак на плоштад, во зависност од тоа какви мерки ќе бидат актуелни во тој период. Во Србија пак, голем број на познати музичари веќе започнаа на своите официјални страници да ги откриваат локалите во кои ќе настапуваат за време на новогодишната ноќ. Од агенциите со кои стапивме во контакт велат дека немаат детали дали во хотелите кои ги нудат во Србија ќе има дочек со жива музика, бидејќи е рано да се каже, но дури и под услов да треба да ја поминат новогодишната ноќ во соба, голем бил бројот на заинтересирани граѓани кои планирале за празниците да патуваат надвор од земјава.

-Се јавуваат, има интерес. И за понуди во Бугарија се прашува, и покрај тоа што за таму е потребен негативен тест при влез во земјата. Но, барем засега, повеќето случаи остануваат само на барање на информации, и се решаваат да причекаат уште некоја недела, да се види во кој правец ќе се движи состојбата со пандемијата, пред конечно да одлучат да уплатат за патување. Неизвесноста е тука, ама тука е и желбата да се прошета, барем за празниците – велат од агенциите.

Минатата година, за време на новогодишните празници туристичките агенции од земјава има богата палета на понуди. Популарни дестинации беа Дубаи, Будимпешта, Милано, Будва, Белград, Атина, Истанбул, Банско… Се нудеа пакети за дочек на новогодишната ноќ на брод на Босфор во Истанбул, дочек на плоштад во Белград со концерт на Саша Ковачевиќ, во Грција со јагне под вршник во ресторани во Лутраки, во хотели во Бугарија со настапи на тамошните турбо фолк ѕвезди…

Повеќето агенции тогаш ни изјавија дека најголем бил интересот за аранжманите во Бугарија, и како уште на почетокот на декември поголемиот дел од нив биле распродадени.

Вики Клинчарова

Поврзани новости