Македонците го решаваат проблемот со ќелавоста во Турција: Нова коса за три дена и 2.000 евра!

by Fokus

Неколку стотици мажи од земјава годишно подлегнуваат на методата за пресадување, односно трансплантација на коса.

Ако во минатото зафатот беше недостапен кај нас, денес веќе е доста популарен и не е повеќе табу да се зборува на темава. Мажи на кои им била пресадена коса, или пак планираат да им биде пресадена во блиска иднина, без проблем разговараат за процедурата, како и за придобивките од неа. Поголема сигурност во себе, желба да се изгледа како порано, во младоста, како и надминување на стресот кој го доживеале кога започнале да ја губат косата, ги наведуваат како причини поради кои се изложиле на естетскиот зафат.

Во неколку наши познати приватни клиники трансплантацијата на коса се врши по цена од околу 2.000 евра. Има и посебни понуди, па ако пациентот донесе пријател, двајцата добиваат и по 10 проценти попуст на сумава.

Сепак, периодов доста се популарни клиниките за трансплантација на коса во Турција, каде се нудат пакет услуги, од сместување во хотел, пресадување на коса, па се до постоперативна нега. Од позната клиника во Истанбул ни изјавија дека интересот на македонците за операцијата во последните неколку години е се поголем. За пресадување на околу 4.000 влакна, со хотелско сместување од три ноќи, како и постоперативна нега и потребната козметика која што пациентите треба да ја користат по зафатот, наплаќале околу 2.000 евра,слично како и кај нас.

Доколку пациентот сакал погуста коса, и во зависност од степенот на ќелавост, цените можеле да се движат и до 3.000 евра. Сепак, голем број на мажи се решиле да ја направат операцијата токму во Турција, бидејќи, како што откриваат, таму лекарите се со долгогодишно искуство, секојдневно имаат голем број на пациенти, а и изборот на клиники бил доста голем. Само во Истанбул имало околу 370 клиники во кои што се пресадува коса.

-Операцијата се врши под анестезија, и трае од четири до 12 часа. Потоа пациентот може да си оди. Во услугата е пресметано и хотелското сместување, бидејќи по операцијата пожелно е во наредните два дена да дојде на контрола. По три до седум дена, пациентот може да се врати на работа – информираат од една од клиниките, каде досега биле извршени над 8.000 трансплантации на коса.

Според турската асоцијација за здравствен туризам, дури 5.000 пациенти од странство месечно доаѓале во Истанбул поради трансплантацијата на коса. Велат дека им доаѓале пациенти од целиот свет, поради добрата услуга и прифатливата цена, а покрај мажи, често оперирале и жени, кои имале проблем со густината на косата.

Во Америка, за споредба, истата процедура изнесувала од 15.000 па се до 22.000 долари.

-Од аеродромот во Истанбул со ВИП транспорт ме сместија во хотелот. Хотелските соби за пациентите се прва класа, храната беше превкусна. Добив и преведувач. Персоналот во клиниката, љубезен, професионален. Целата процедура помина во најдобар ред, добив лосиони, шампони и инструкции за постоперативна нега, а потоа повторно бев транспортиран до аеродромот. Се препуштив во рацете на клиниката, и не зажалив, презадоволен сум од операцијата. Ја препорачав клиниката на мои пријатели, а дел од нив веќе закажаа трансплантација. Се работи за лекари со 15-годишно искуство, нема потреба за загриженост – ни раскажа пациент, кој пред една година го решил својот проблем со ќелавоста, и тврди дека денес живее многу поисполнет живот, задоволен од својот изглед и со зголемена самодоверба.

-Изгледот на мажите првенствено доаѓа од косата. Ние не користиме шминка, не користиме многу модни додатоци, па затоа кога некој маж ќе започне да ја губи косата, тоа е како да ни е одземен еден дел од нас. Затоа, не жалев пари за да си го добијам стариот изглед назад – ни раскажа маж од внатрешноста кој во два наврати веќе бил во клиниките во Истанбул, бидејќи сакал погуста коса, и е задоволен од резултатот. Операцијата која најчесто ја избирале нашите мажи во турските клиники е позната како Follicular Unit Extraction (FUE).

Станува збор за процедура кога едно по едно се вадат влакна од местата каде косата на пациенот е погуста, најчесто на главата над вратот, а потоа истите се имплантирале на местата каде косата им била опадната. По неколку недели или евентуално месеци, влакната започнувале нормално да растат. Несакани ефекти од трансплантацијата се чешање, инфекции, крварење и отоци, но генерално, поголемиот број на операции биле успешни.

Вики Клинчарова

Поврзани новости