Адресата на улица „Леге“ број 6 во софиската општина Средец е регистрирана како „живеалиште“ на десетици илјади бугарски државјани по потекло од странство, меѓу кои најголем број се Македонци кои поседуваат државјанство на Бугарија, објави БГНЕС. Според агецијата, на оваа адреса се наоѓа седиштето на Општината Средец.
Градоначалникот на Средец, Трајчо Трајков, изјавил дека ова е случај затоа што согласно законот сите оние што се стекнале со бугарско државјанство, а кои живеат во странство, добиваат постојана адреса на живеалиште во зградата на локалната администрација.
Поради ова, избирачкиот список за претстојните парламентарни избори во Бугарија на гласачкото место во кое се наоѓа и адресата „Леге“ број 6 е на 1.000 страници и содржи 45.752 имиња.
Последните податоци на бугарските власти покажуваат дека над 82 илјади лица по потекло од странство поседуваат државјанства на Бугарија.
Според истите извори, во последните 10 години бугарско државјанство добиле околу 66.000 Македонци.