Македонци од пиринскиот крај биле судени за независна Македонија под протекторат на Америка!

by Fokus

Иако Бугарската комунистичка партија и држава декларативно ја признаваше македонската нација и држава во рамките на ФНРЈ, во пиринскиот дел на Македонија почна општ прогон против сѐ што носеше македонски национален белег, против сите политички противници на новата политика што почна да ја спроведува раководството на бугарската партија

Пишува: Стојан АНДОВ

Резолуцијата на Информбирото „За состојбата во КПЈ“ и на X-от Пленум на ЦК на БРП(к) во врска со ситуацијата во Пиринскиот крај биле разгледувани на обласното партиско советување што било одржано во Горна Џумаја на 22 и 23 јули 1948 година.

На советувањето биле присутни сите околиски комитети во нивните полни состави и некои од поранешните членови на поранешниот Обласен комитет на БРП(к) за Пиринскиот крај. Биле присутни и неколку членови на ЦК на БРП(к).

На советувањето била донесена уште една резолуција, штетна за Македонија и за македонскиот народ. Во резолуцијата се истакнувало дека „сите партиски организации на БРП(к) во пиринскиот крај цврсто стојат зад Централниот комитет на Бугарската работничка партија (комунисти) на позициите на Информбирото и решенијата на Х-от пленум“.

Секој комунист е должен да се бори против злосторничката пропаганда на Тито – колишевци, влаховци, што ја водат против Бугарија и нашата партија, да го разјаснуваме правилното разрешување на македонското прашање“, меѓу другото било истакнато во споменатата резолуција.

ОПШТ ПРОГОН

Со тоа што македонското национално прашање почнало да се третира како „македонско прашање“, како што било третирано во подалечното минато од страна на бугарскиот царски двор, многу јасно ни кажува на каков начин се сакало да се разјасни македонското национално прашање во новите услови и со новата бугарска политика. За жал, и во 21 век, политиката во демократска Бугарија останува на овие становишта.

Откако Македонците од пиринскиот дел на Македонија останале без своите македонски национално определени раководители, кои во меѓувреме биле обвинети за македонски национализам, новите партиски, отечественофронтовски и државни раководители, спроведувајќи ја новата политика и „поради нарушено партиско единство меѓу околиските комитети на Разлог, Сандански, Благоевград и др.“, и спроведувајќи ја специјалната инструкција на ЦК на БРП (к), само во периодот од крајот на 1949 и првата половина на 1950 година, од редовите на Комунистичката партија во пиринскиот крај исклучиле повеќе од 3.000 членови.

Иако Бугарската комунистичка партија и држава декларативно ја признаваше македонската нација и држава во рамките на ФНРЈ, во пиринскиот дел на Македонија почна општ прогон против сѐ што носеше македонски национален белег, против сите политички противници на новата политика што почна да ја спроведува раководството на бугарската партија и држава на чело со В‘лко Червенков, инаку зет на Георги Димитров, против сите оние што не се согласуваа и не ги прифаќаа резолуцијата на Информбирото „За состојбата во КПЈ“ и резолуцијата на Х-от пленум „Во врска со ситуацијата во пиринскиот крај“.

Без никаков аргумент беа следени, апсени, судени и осудувани, интернирани тие што не сакаа да се помират со новосоздадената состојба што сакаше да ја наметне новата владејачка гарнитура.

Во пиринскиот дел на Македонија, бугарските државни органи не избираа средства за остварување на поставената цел. Први на удар се најдоа најистакнатите дејци и нивните следбеници, кои се залагаа за оживотворувањето на македонската национална идеја и мисла.

Прв чекор во таа насока беше блокадата на границата меѓу ФНР Југославија и НР Бугарија, особено оној дел меѓу НР Македонија и пиринскиот крај. По целосната блокада на границата и по прекинувањето на сите врски и контакти меѓу Македонците од двата дела на Македонија се забрани обработување на земјата од страна на двосопствениците.

Истовремено, во пиринскиот крај биле доведени бројни полициски сили. Нивниот број во споредба со оној од пред резолуцијата на Информбирото бил зголемен за четирипати. Во селата во кои порано немало полицајци биле градени полициски станици.

СУДСКИ ПРОЦЕСИ

Покрај униформираните и неуниформираните полицајци, агенти, службеници на државната сигурност, биле вооружувани и сите членови на комунистичката партија во кои службата за државна безбедност имала доверба.

Сите тие вршеле терор, апсења, преследувања, интернирања врз секоја личност, семејство или група против која било доставена пријава, честопати само анонимна.

Според еден извештај од Софија, во периодот од 28 декември 1948 година до 20 јануари 1949 година, само во Петрич било уапсено 71 лице.

Сите тие апсења биле извршени врз лица што не го признавале и не го прифаќале новиот бугарски став по однос на македонското национално прашање. При обидот за пребегнување на границата кон НР Македонија биле убиени три лица од селото Елешница, Разлошка околија.

Во ноември 1949 година, од Горноџумајската околија биле интернирани 67 фамилии. Интернацијата станала секојдневна појава во сите околии во пиринскиот крај Горноџумајска, Петричка, Светиврачка, Разлошка и Неврокопска.

Во интернација се праќале претежно членовите на семејствата што биле осудени или пребегнати преку граница во НР Македонија. Во овој период имало преку 200 интернирани семејства.

Уапсените што биле изведувани пред судовите биле обвинувани за шпионажа, диверзантски акции, како „михајловисти“, „фашисти“, „соработници на УДБ на Скопје“,  „титоисти“, „борци за независна Македонија под протекторат на Велика Британија и Америка“, луѓе кои потпаднале под влијание и станале орудие во рацете на скопските раководители итн.

Меѓу првите Македонци што биле изведени пред суд и осудени на долги временски казни биле Борис Коларов, учител во Банско, осуден на десет години затвор, Иван Џолев бил осуден на 15 години затвор, Георги Тоде на 10 години, Иван Терзиев на 4 години, Асен Зографов и Лазар Бајрактаров на 3 години. Сите тие биле обвинети за „шпионажа и за независна Македонија под протекторат на Америка“.

ТЕШКИ КАЗНИ

Најголемиот судски процес од овој период бил одржан во март 1949 година, во кој биле обвинети за антипартиска и антидржавна дејност познатите македонски претставници од Првото заседание на АСНОМ: Атанас Великов Атанасов и Васил Григоров Василев од Петрич.

Потпретседателот на Македонската народна федерална организација од Перич Страхил Георгиев Димитров, советникот на Македонската народна федерална организација Георги Пандов Китанов, членовите и симпатизерите на МНФО Иван Костадинов Димитров, Кирил Гоцков, Александар Илиев- Зајков, Танчо Сухарев сите од град Петрич; Стојан Димитров Стојчев од село Коларево, Петричка околија; Костадин Митрев Караџов од село Крушица, Петричко; Христо Мицков Петров од село Коларево; Вангел Смилков Јанков од село Самуилово, Петричко; Петар Атанасов Димитров од град Свети Врач; Зора Ил. Кацарска од Горна Џумаја; Димитар Јанчев од село Клуч, Петричко; Сотир Костов Илиев од село Гега, Петричко, Костадин Иванов Костов од село Габрене, Перичко, Петар Костов Пенев од Свети Врач, Стоју Мицов Христов од Свети Врач; Вангел Стоев Стоилов од село Велушица, Светиврачка околија.

Потоа, Стоимен Муртин од Горна Џумаја, од Осиково, Неврокопско; Благој Илиев Костадинов од Свети Врач, Петар Ололовски и сите културно-просветни работници од НР Македонија кои беа на служба во Свети Врач, односно пиринскиот крај.

Покрај тоа што со обвинението обвинетите биле товарени за антипартиска и антидржавна дејност, сите речиси без исклучок биле обвинети за нивната заложба за обединување за пиринскиот дел на Македонија со НР Македонија, за соработка со управата за државна безбедност на НР Македонија.

Меѓу обвинетите имало доста членови на Комунистичката партија. Пред да бидат изведени пред судот сите биле исклучени од редовите на партијата, потоа биле товарени како фашисти и припадници на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) на Иван (Ванчо) Михајлов.

Покрај тоа биле обвинети како луѓе „без партиско сознание и дисциплина“ итн. На крајот им биле изречени тешки казни. Многумина од осудените, не можејќи да ја издржат затворската тортура, умреле во затворите.

Сите обвинети и нивната дејност на полето за национална афирмација на Македонците од пиринскиот дел на Македонија им биле познати на полицијата. Тоа доаѓа од таму што сите тие не работеле нелегално, напротив, работеле согласно одлуките и решенијата на највисоките партиски и државни органи што биле донесувани во периодот до донесувањето на злогласната резолуција на Информбирото.

И каква иронија и пројавена жестокост од страна на авторот што ни ги оставил овие документи. Тој во својот извештај ќе констатира дека „Благодарение на решението на Информбирото и резолуцијата на 10-от пленум на ЦК на БКП“ службата за државна безбедност и полицијата успешно ја извршиле својата задача.

Како да не им била позната нивната дотогашна дејност на сите обвинети, што до донесувањето на резолуцијата на Информбирото јавно и легално ја вршеле.

Поврзани новости