Внатрешните реакции во Грција, односно позициите на опозициските партии и на Владата во однос на Договорот од Преспа се уште се во фокусот на грчките медиуми по заклетвата што во неделата ја читаше актуелната македонска претседателка Гордана Силјановска Давкова.
Весникот „Катимерини“ во текстот под наслов „Атина ја очекува новата Влада во Скопје“ го пренесува ставот на актуелната грчка Влада дека државата има континуитет и дека покрај нивното несогласување пред да се изгласа Договорот од Преспа, сега го почитуваат, пишува државната МИА.
Грчката телевизија „Опен“ пренесува ставови на граѓани кои ја истакнуваат важноста на европската перспектива на земјата, но и изјава на поранешниот премиер Зоран Заев, кој го коментира ставот на новата претседателка.
– Неусогласувањето носи одговорности и сериозни последици за државата што веднаш ќе се почувствуваат од граѓаните. Одговорноста не е само политичка, туку и правна. Па така, како носители на највисоките државни функции, ќе треба да ги почитуваат Уставот, меѓународниот Договор од Преспа и законите – вели Заев за телевизијата „Опен“.
Употребата на името „Македонија“ од претседателката Гордана Силјановска Давкова, предизвика и внатрешно-политички конфронтации во Грција меѓу Владата и опозициските партии, заедно со останатите актуелни грчки теми, со оглед на тоа дека земјата веќе е во предизборен период во пресрет на евроизборите на 9 јуни.
Грчката Влада вели дека ставот на Силјановска Давкова ја оправдува нивната позиција за доцнење на ратификацијата, додека пак од СИРИЗА доцнењето сметаа дека не ѝ оди во прилог на Грција и најавуваат законска иницијатива за носење на меморандумите пред пратениците.