Македонските фудбалери со нов дрес во борба за пласман на ЕУРО 2024

by Fokus

Фудбалската федерација на Македонија и техничкиот партнер ЈАКО го претставија новиот дрес на македонската фудбалска репрезентација.

Препознатливото сонце истакнато на градите на фудбалерите на модерен начин ја отсликува енергијата и гордоста на Македонија. Дизајнот на новиот дрес останува верен на македонското фудбалско наследство, додека резервниот дрес во бело-жолта боја е уште една интерпретација на македонскиот дизајн за фудбалерите и навивачите.

Нашата репрезентација добива уште една, трета варијанта на дресови и шорцеви во темна боја која дополнително го нагласува сонцето и националната гордост, нагласуваат од ФФМ.

Стилските букви на презимињата и броевите на дресовите се во духот на нашата историја и традиција, со оглед на тоа што се инспирирани од кирилицата.

„Исклучително сум горд што имам привилегија да го носам прекрасниот македонски дрес. Со нетрпение очекувам да го облечеме новиот дрес кој ја следи препознатливата традиција. Нашиот дрес со сонце е еден од најпрепознатливите и сигурен сум дека ќе биде многу популарен меѓу нашите навивачи“ – изјави капитенот на македонската репрезентација, Стефан Ристовски.

Новиот дрес на македонската репрезентација, фудбалерите ќе го носат на првиот натпревар од квалификациите за Европското првенство 2024 против Малта на Националната арена „Тодор Проески“ на 23. март во Скопје.

Поврзани новости