Текстот е објавен на 23-ти октомври 2009-та во неделникот „Фокус“ во бројот 747
Пишувал
Саше ДИМОВСКИ
До „Јасен“ се стигнува по половина час возење од центарот на Скопје. Има 25 километри пат, во еден дел тесен, но асфалтен. Но, штом дојдете тука во планината, на надморска височина од 1.200 метри, имате чувство дека сте влегле во друг свет, во кој нема луѓе, туку само недопрена природа, во предел во кој тешко може да кажете колку бои гледате пред себе! Жолта, зелена, црвена, сина…
Пред вас се отвора поглед на непрегледни планини кои во овој период на годината се посебно убави, на прекрасно сино езеро сместено во котлините меѓу тие планини, и на сино небо, час испреплетено со сонце и бели облаци, час покриено со темни облаци и дожд, или завиено во магла!
„Јасен“ се распостила на површина од 36 илјади хектари. Во негов склоп сега е новото езеро „Козјак“, „Матка“ и акумулацијата „Света Петка“. Тука се планинските масиви, Караџица, Даутица, реката понорница Фоча, која во најголемиот дел што поминува низ планинскиот предел на „Јасен“ е сува и се појавува во долниот дел кон селото Здуње, каде што сега извира во езерото.
За заштитено подрачје бил прогласен уште во 1948 година. Речиси шест децении бил „воена зона“. Влезот за цивилите бил забранет, сѐ до 2005 година кога е формирано Јавно претпријатие за управување со повеќенаменското подрачје „Јасен“ . И сега не е целосно отворен, туку функционира на принципот со најавување, а кога ќе влезете на главниот влез (се стигнува преку Нова Брезница), задолжително ќе ве легитимираат.
– И можеби е добро што бил строго контролиран резерват, зашто на тој начин во срцето на Македонија останале илјадници хектари недопрена природа, во која живеат ендемични видови на растенија, дури од тропскиот период, но и животни кои можат да се сретнат само тука, и на ниту едно место во светот, коментира нашиот водич низ „Јасен“ .
Тргнавме со идеја да видиме што крие таинствениот „Јасен“, за кој пишувавме во неколку броја, откако спелеолозите откривајќи нови јами и пештери пронајдоа човечки скелети.
РУСИН „ИСКЕШИРАЛ“ ДВЕСТЕ ИЛАЈДИ ЕВРА ЗА ЕДНА НЕДЕЛА
Штом влеговме во „Јасен“ низ главната капија, пред нас се отвора среден зелен простор на кој се сместени дел од капацитетите за одмор. Типска куќа на два ката, украсена со детали од ловењето е на стартот на резерватот. Уредена со стил, со голем избор на вина, катчето самото кажува дека е предвидено за идеален одмор. Врската со светот се големите плазми и сателитските програми. Функционира телефон, интернет, иако тие што доаѓаат ретко ги користеле.
– Доаѓаат и ѝ се препуштаат на природата, велат вработените во „Јасен“. На масата е поставена чинија со овошје. Нѐ пречекува готвачот кој ги подготвува специјалитетите за најавениот гостин, руски богаташ, кој наредниве денови ќе биде во „Јасен“ и ќе лови. Нѐ понудува со кафе. Се заблагодаруваме, му велиме дека ќе пиеме во Селиште, на втората точка каде што има други сместувачки капацитети за да го „фатиме“ денот кој е пред нас.
Во Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен“ има седум објекти за сместување со над 60 легла. Во салите кои можат да се користат за состаноци собира и до 100 луѓе. Станува збор за интересни куќички, кои иако се одамна направени, градени се типски и стилски. Опремени се со струја, парно, телефон, сателитска ТВ програма, кожни гарнитури во делот за дневен престој, камини и интересни печки. Покрај ваквото сместување може да се преспие и во два луксузни апартмани, но и во еден вид ловџиски куќички кои се многу живописно градени и наликуваат на колиби.
Иако дискрецијата била пред сѐ за личностите кои ги користеле капацитетите во „Јасен“ за одмор или за лов, сепак вработените со гордост раскажуваат дека нивен гостин бил и Раул Кастро, братот на Фидел Кастро, и сегашен претседател на Куба.
Тој престојувал во „плавата вила“, која е најстара од објектите, но е солидно сочувана и опремена. Во неа има печка која е вградена во цел ѕид, се ложела со дрва од делот за дневен престој и така се затоплувале просториите во кои спиеле високите гости.
Во секоја од вилите ентериерот е различен по боја. Овде, каде што престојувал Кастро, преовладува црната боја на мебелот. На гостите, покрај природата, им се нуди избор на дивеч за ручек или вечера, подготвен на скара која се наоѓа во близина на објектите во посебно убаво изграден простор или подготвен во кујна. Сите кои ловат во „Јасен“ зависно од желбата го земаат само трофејот, додека месото го оставаат. Претпријатието има неколку комори во кои се чува „диво“ месо.
Интересен бил и не така дамнешниот престој на мароканската принцеза. Таа пристигнала во „Јасен“ со група од околу 40 луѓе. Била опкружена од девојки, нејзини помошнички и со обезбедувањето. Девојките од придружбата, на барање на принцезата спиеле на подот, околу неа!
На листата на почесни гости во „Јасен“ бил и градоначалникот на Москва, Јури Лужков, таткото и синот Сваровски (Даниел ја носел и сопругата со него), членови на британското кралско семејство, како и сопственици на моќни и познати компании од Америка и Европа.
Интересна е една девојка од Калифорнија која неколку пати со својата пријателка доаѓа во „Јасен“ во зимскиот период и лови дивокоза.
Додека престојуваше екипата на „Фокус“ во „Јасен“ се правеа последните подготовки за пречек на ВИП ловец од Русија. Менито се формираше според желбите на гостинот, на кое задолжително има месо од дивеч. Според однапред договорената агенда, ловецот кој доаѓа со приватен лет, од аеродромот „Александар Велики“ беше донесен во ловиштето. Пристигна со неговата сопруга и со преведувач. Го пречека дождливо и магливо време, но тоа на рускиот ловец, на возраст од околу 40 години, не му пречеше веднаш да се запознае со терените и со оружјето со кое требаше да лови. За неговата сопруга, додека тој е на лов, побара водич кој ќе ѝ ги покаже убавините на Скопје, од каде што ќе може да купи сувенири и да руча во национален ресторан. За планиран улов на дивокоза и муфлон, рускиот бизнисмен треба да плати шест илјади евра. За еднонеделен престој на повеќе луѓе, руски бизнисмен „искеширал“ 200 илјади евра.
УЖИВАЊЕ ВО ДРУШТВО НА ЕЛЕНИТЕ
– Често многу од ловците, кои не жалат да платат, бараат нивните сопруги да го видат Скопје, Охрид, а за тоа ангажираат дури и хеликоптери за да ги однесат. Додека тие уживаат во ловот и планинарењето, нивните фамилии ја запознаваат Македонија, откриваат во „Јасен“ .
По принципот, како дошол така отишол, ВИП гостинот повторно преку аеродромот со приватен лет си заминува. Доколку сака да го понесе трофејот што го уловил (за што плаќа дополнително) службите во „Јасен“ му изготвуваат сертификат, ги спроведуваат сите процедури на аеродромот, така што ловецот го добива без проблем трофејот и не е изложен на дополнителни гранични задржувања. Во „Јасен“ досега се отстрелани капиталци од речиси сите видови дивеч кои им носат поени на ловците.
– Интересен беше еден шпански ловец, сопственик на приватни клиники кој дојде да лови дивокоза. Тој имаше цел проспект, од каде сѐ уловил кози и кои биле нивните карактеристики. Па така, во неговиот тефтер имаше примероци од Алпите, Карпатите, Балкански примероци. Тој одел во ловишта каде што го има овој дивеч, и така дојде и кај нас, вели нашиот водич.
Ако од почетокот на текстов се прашувате, што барале овие луѓе во Македонија, и да одат во „Јасен“, сами ќе добиете одговор ако прошетате низ резерватот. Независно дали ќе почнете од делот на Матка, преку пештерите „Врело“ и „Убава“, или преку Брезница ќе дојдете до ловните терени, во секој случај, ќе бидете изненадени од таквата глетка. Продолжуваме низ „Јасен“ кон објектите во „Селиште“. По патот нашите домаќини Гордана и Никола ни објаснуваат каков животински и растителен свет има, колку е редок, како се заштитува, што прават институциите за соодветна заштита.
Во „Селиште“ пред џипот се исправаат четири големи шарпланинци. Тие се дел од одгледувачницата што ја има резерватот за ваква раса на кучиња. Трите шарпланинци немаат ниту една година. Од истата група, еден шарпланинец од пред некое време ја чува вилата на претседателот на Водно.
На само еден километар од објектите во Селиште, каде што престојувал Раул Кастро, и каде што има преубави летни тераси за вечерни дружења, се наоѓа хранилиштето за елените, срните и муфлоните. На тој простор (заградени се 1.800 хектари површина со жица), живеат тревопасните животни. Влегуваме со возилото на чуварите во „Јасен“ со надеж дека ќе успееме да ги видиме и да сликаме некое од овие животни.
– Научени се на звукот на возилото, зашто знаат дека им носиме храна, но мора да бидеме тивки, ако сакаме да дојдат. Ќе поставиме храна и ќе се повлечеме. Сигурно ќе дојдат, вели Раде, искусен чувар во „Јасен“ , кој ја познава планината и животните во неа.
По само две минути возење од главниот влез, пред нас се појави возрасна еленка. Подзастана на педесетина метри пред возилото. По неа се појави машкиот елен, со големи рогови. Колку чатали, или мали рокчиња има на еден рог, толку е старо животното. На највозрасниот примерок успеавме да изброиме седум рокчиња, што значи дека капиталецот е стар седум, а другите околу 5-6 години.
Додека ги фотографиравме, излезе дека тука се цело стадо, околу педесетина животни. Се исплашија, избегаа, но се вратија за само пет минути откако во хранилиштата им беше ставена пченката. Е, тоа беше неповторлива глетка. Педесетина животни, среде планина застанати спроти вас на триесетина метри! Чиниш позираат. Поставени во редица и гледаат право кон нас. По неколку фотографии, „позерите“ тргнаа кон хранилиштето.
Ние, застанати на чекалниците изградени во близина, ги набљудуваме. Најголемиот елен прави ред пред хранилката. Ги турка сите што се подзаборавиле да се тргнат и да направат место за другите. Тишината, на околу илјада метри надморска височина ја сече само блицот на фотоапаратот. Иако сме скриени во чекалните и на педесетина метри од нив, тие реагираат на секое чкрапање на апаратот со вртење на главите и разгледување на околината. Дождот кој нѐ следеше во текот на нашето патување престана, се појави сонце, а во позадина ветерот брзо разнесуваше облаци од магла. Неверојатна есенска слика.
– Таква е планината, непредвидлива, за половина час времето се менува, вели нашиот водич.
Елените и неколку муфлони кои се појавија во близина полека го напуштаат хранилиштето. Колегата, фоторепортерот Томислав Георгиев тргнува по нив да овековечи уште некој момент од животот на стадото елени.
ДИВАТА СВИЊА НАЈБАРАНА НА БАЛКАНОТ
Од делот каде што се наоѓаат елените заминуваме кон живеалиштето на дивите свињи. По подолга потера, на виделина пред апаратот излегуваат две големи диви свињи и осум помали. Толку се брзи, што човек не може ни да ги преброи. Трчаат во колона по еден. Дивата свиња е од толку чист вид во „Јасен“ , што неа ја бараат речиси сите балкански ловишта. Тие сакаат да добијат живи примероци за приплод. Дивата свиња во „Јасен“ не е многу голема по тежина, но затоа таа се мери по должината на забите. Тука ѝ се гледа чистата раса. Тргнувајќи од ваквата побарувачка, во „Јасен“ ќе почнат со одгледување на диви свињи за жива продажба на ловишта и зоолошки градини. Ваквите примероци се доста скапи.
Покрај одгледување на свињите, под „Јасен“ во реонот на Катланово се наоѓа одгледувачница на фазани. Од неа, според законот треба да се снабдуваат сите ловечки друштва кои се должни да пуштаат ваков вид птици на ловиштата. Во Катлановското блато кое е сврталиште на голем број птици постои интерес кај ловци од соседните земји за лов на прелетен дивеч.
Со ваков вид нудење комерцијални услуги, покрај туризмот, „Јасен“ сака да се наметне и како сериозно ловиште на кое покрај ловењето, дивечот и се одгледува, но служи и како репроцентар на генетски чисти раси на животни кои понатаму ќе служат за размножување.
Директорот на „Јасен“, Михаил Малахов, вели дека целта им е да го отворат комплетно целиот простор преку разни содржини кои ги планираат. Пред влезот на „Јасен“ веќе се направени две патеки за планински велосипедизам и за пешачење долги три и шест километри. Во план е реновирање на постојните сместувачки капацитети, поправка на ловните куќички кои ги има многу на целата територија, но и изградба на комплетно нови објекти.
Во делот кон езерото Козјак почнато е да се градат сплавови кои ќе се изнајмуваат, а се опремува и плажа и придружни објекти за рекреација. Во делот на Матка планирани се спортски терени, но, и развивање на спортски дисциплини, карактеристични за карпести и непристапни терени. Тука се и подводните пештери кои привлекуваат многу странски туристи.
Во „Јасен“ во последниов период почнале да се пријавуваат групи кои го посетуваат регионот и остануваат еден или три дена во зависност од понудата и побарувачката. Задолжително, кога има луѓе во резерватот, поради стрмниот и наместа непристапен терен мора да има и медицинска екипа која ќе може да интервенира.
Аранжманите за лов и престој во „Јасен“ почнале да ги нудат европски туроператори, па од таму и се најчестите барања за престој во македонското ловиште. За „Јасен“ голем интерес пројавиле и европски научници кои сакаат да ги испитуваат растенијата, животните, птиците. Интересно е што во „Јасен“ се среќаваат многу пеперутки и инсекти кои живеат само на тој простор. Од околу 400 видови познати пеперутки, 200 ги има во Македонија, и речиси 80 проценти од нив се во „Јасен“ . За ретките примероци колекционерите на пеперутки плаќаат од 100 до 300 евра на европската берза.
– Сакаме да го срушиме митот дека нешто се крие во „Јасен“ , но мораме да внимаваме да не го изгубиме тоа што било вредно чувано сите овие години. Сакаме да го облагородиме целосно овој простор и да создадеме систем во кој ќе уживаат сите, вели Малахов.
По нашиот престој во „Јасен“ , а сум бил неколку пати, местово можам слободно да го споредам со прекрасните зелени предели и со природа која може да ја видиме само во документарните програми на „Национална географија“. За среќа, таква природа има и во средиштето на Македонија, но ретко кој ја видел и кој уживал во овие убавини. Затоа, странските амбасадори во земјава и новопечените руски, американски, грчки или шпански бизнисмени се сѐ почести гости во македонскиот ловен рај. Од домашните политичари, на лов или прослава на Нова година, таму биле речиси сите досегашни претседатели и премиери, освен актуелниот Никола Груевски. Но, затоа во „Јасен“ престојувале неговите најблиски соработници.
СТОБОЛКА
ВО СВЕТОТ ПРЕД ИСТРЕБУВАЊЕ, ВО „ЈАСЕН“ АТРАКЦИЈА
Стоболката спаѓа во родот на приземни верверици (Спермофилус) кој се одликува со релативно мало тело, има кратки нозе и опашка, како и мали заоблени уши. Крзното ѝ е во сиво-кафеава боја, прошарано со бели дамки.
На стомакот дамките се бели или жолтеникави. Стоболката е долга околу 22 сантиметри, а тешка од 240-340 грама. Утврдено е дека стоболката е типичен жител на сувите степски предели. Се среќава во ливадите и на високите пасишта. Распространета е во Источна и Централна Европа, а на југ доаѓа до Егејското море.
Во Македонија била регистрирана на две локации, околу Дојранското езеро и на пределите во „Јасен“, во Бегово Поле, но во дојранскиот регион речиси исчезнала. Живее во земја, копа дупки а понекогаш и цели ходници и во заедница живеат многу единки. Често може да се видат како ѕиркаат од дупките, но секогаш се брзи и внимателни.
Стоболката преспива во текот на зимата. Активна е дење кога излегува и се храни со инсекти, семиња и бобинки кои ги складира под земја за зимскиот период. Храната ја носи во внатрешните џебови на образите. Стоболката спаѓа во групата на глобално загрозени видови. Нејзиното истребување зависи од исчезнувањето на пасиштата и тревнастите површини, кои се претвораат во земјоделски, со што се нарушува системот во кој живеат стоболките. Во Чешка и Словачка се доведени до истребување, па стоболката е ретко заштитен вид, од кој точно се знае во кој регион колку животни се останати, но тоа не е повеќе од десетина единки.
Биолог кој ги истражувал стоболките еден примерок чувал дома како куќно милениче. Тврдел дека станува збор за многу мило и интелегентно животно.
ДИВОКОЗА
САМО НА КОРАБ ИМА ОКОЛУ ИЛЈАДА ПРИМЕРОЦИ
Празнокопитен цицач од фамилијата празнокопити. Достигнуваат должина до 130 см и тежина до 60 килограми. И машките и женските кози имаат кратки рогови, кои на врвот се завиткани внатрешно кон назад. Во зимскиот период имаат темнокафено крзно, додека во пролетниот и есенскиот дел се сиво жолтеникави. Промената на бојата на крзното им помага полесно да се адаптираат кон боите на природата и да се заштитат. На главата, вратот, стомакот и задниот дел се бели. Обично се населуваат на простор на високите предели, на стрмни планини, карпи….
Во Европа ја има на Алпите, Карпатите, Татрите и на повисоките Балкански планини. На Балканот е регистриран т.н. „балкански“ подвид на дивокозата. Во Македонија ја има на Шар Планина, Кораб, Јакупица, Галичица, Пелистер, Бистра, Дешат, Стогово. Има толку изострен осет за рамнотежа, па може да прескокне бездни широки по шест метри или да се задржи на карпа од само 30-тина сантиметри. Од октомври до декември е период на парење на дивокозите. Младите ги раѓаат во периодот од април до јуни. Младенчињата ги носат од 153-180 дена пред да се окозат. Се хранат со трева, лисја и фиданки. Живеат во стада, иако не е исклучено да се најдат и поединечно. Околу илјада дивокози има само на Кораб.
БОГАТСТВО
БРОЈНИ ВИДОВИ ЗАШТИТЕН ДИВЕЧ
Од трајно заштитениот дивеч во Република Македонија, на подрачјето на „Јасен“ се регистрирани 28 видови. Покрај заштитените видови, во ловиштето и резерватот живеат над 80 видови птици од 23 фамилии кои од поранешниот Комитет за земјоделство се утврдени како корисни птици за земјоделството и шумарството. Од вкупната површина на „Јасен“ за ловно стопанисување се издвоени над 20 илјади хектари, на кој живеат: обичен елен, елен лопатар, срна, дивокоза, муфлон, дива свиња, мечка, див зајак и еребица камењарка.
Според програмата за долгорочно стопанисување и заштита на дивечот, во резерватот мора да има минимум 86 грла обичен елен, 200 грла елен лопатар, 260 срни, 580 дивокози, 220 грла муфлони, 550 диви свињи, 10 кафеави мечки, 130 примероци на див зајак и 230 еребици камењарки. Според регулативата, во „Јасен“ може да се отстрелаат само примероци до оваа граница. Со ловење, практично се врши селекција на старите и поизнемоштени единки, тврдат во „Јасен“ . Вработените во резерватот велат дека имаат чести средби и со мечката, која ја има во над десетина примероци. Неодамна пред возилото на чуварите излегле две мали мечиња кои трагајќи по храна се симнале во пониските делови на ловиштето.
ЕКСКЛУЗИВНО
ОТКРИЕНИ НОВИ ЧОВЕЧКИ ТЕЛА ВО ЈАМА
Во друга јама во резерватот „Јасен“ повторно се откриени остатоци од човечки тела. По пронаоѓање на делови од неколку тела во новооткриената пештера „Јасика“ пред еден месец, ова е втора пештера во која влегуваат научни екипи и откриваат човечки остатоци. Во „Јасика“ коските ги открија словачки спелеолози, а во оваа пештера, која се наоѓа во другиот дел на „Јасен“ , од страната кон Тетово, истражувал познатиот хрватски биолог Иво Караман и тој ги открил.
Случајот е пријавен во полиција, составена е службена белешка, но се уште истражните екипи не се излезени на терен за да ги соберат коските. Ако се суди според фотографиите кои ги поседува „Фокус“ и овојпат има повеќе тела. Но, колку точно тела ќе бидат откриени, ќе чекаме МВР, која знае за случајот, да го извести обвинителот и да излезат на лице место. Малку е чудно што и овојпат, како и првиот, кога беа откриени коските, полицијата не се „потресе“ многу, како што обично знае да го стори дури за банални работи и не информираше за случајот.
Од првиот случај, кај едното тело за кое се знае дека е од понов датум, околу пет години, на Институтот за Судска медицина добиен е комплетен ДНК профил, па сега останува полицијата врз основа на пријавите за исчезнати лица да обезбеди биолошки материјал од роднините за споредба.
Процедурата не е сложена и полицијата треба што поскоро да го стори тоа, за да почне да се одмотува клопчето кој убил и ги фрлал телата. Како што стојат сега работите, барем во овие два случаи има најмалку пет тела.
До конечно расветлување на случајот во оптек ќе бидат приказните дека тоа може да се затвореници уште од времето кога го граделе „Јасен“ (објектите се градени од затвореници), дека тоа се политички неподобни личности или од подземјето, кои биле ликвидирани од тајните служби и однесени и фрлени во јамите на подрачје што го контролирала полицијата, и последната верзија за новите тела дека може да се жртви од воениот конфликт во 2001 година.
Ова последново, затоа што јамата се наоѓа од страна на неколку села од тетовскиот регион, кои во 2001 година беа под контрола на поранешната ОНА! Како и да е, кој и да се, полицијата мора да ги расчисти случаите, но и темелно да ги истражи над 100-те јами, пештери и амбиси кои ги има во „Јасен“ . Сепак, станува збор за луѓе!