Македонскиот банкарски систем е стабилен и укинувањето на дозволата на една мала банка не ја доведува во прашање стабилноста на системот. Банките и штедилниците продолжуваат да се грижат за клиентите – штедачите и кредитокорисниците и во услови на ковид-пандемија. Во периодот на зголемен број новозаразени лица, членките на Асоцијацијата апелираат што повеќе да се користат електронските канали за пристап до банкарските услуги и плаќањето со картички во малопродажната мрежа. На тој начин се намалуваат ризиците за ширење на пандемијата.
Ова е заклучокот на Македонската банкарска асоцијација која одржа состанок на кој се дискутираше за банкарскиот систем и улогата на Народната банка, а следејќи ги најновите настани и дискусии во јавноста.
Во соопштението наведуваат дека независна и професионална централна банка е еден од столбовите на стабилноста на банкарскиот сектор.
– Во изминатиот период сме сведоци на обиди за задирање во професионалниот пристап на работење на Народната банка. Со тоа се доведуваат во прашање и европските постулати и високите меѓународни стандарди на централнобанкарското работење, коишто се гаранција за макрофинансиската стабилност. Оттука, Македонската банкарска асоцијација во името на сите банки и штедилници во земјата, изразувајќи загриженост од ваквите појави, апелира до сите општествени чинители да не се дозволи да се доведува во прашање поставеноста и начинот на работа на централната банка, коишто во согласност со европските стандарди и регулатива се законски гарантирани, наведуваат од Македонската банкарска асоцијација.