Македонски свештеници се побунија против Ноќта на вештерките: Не ги праќајте децата на училиште, ако се слави Халовин!

by Fokus

Голем број на македонски свештеници се побунија против славењето на Халовин, познато во јавноста и како Ноќ на вештерките, кој во западните земји се слави на 31-ви октомври.

Апели на социјалните мрежи да се игнорира Халовин и да не се маскираат децата во ликови од хорор филмовите се актуелни веќе неколку дена наназад. Од манастирот Свети Гаврил Лесновски, на својата официјална страница повикаа дека Ноќта на вештерките е реална опасност, и побараа родителите да им се спротивстават на наставниците кои налагаат прослава на овој ден. Според нив, ова е пропаганда на култот на смртта.

-Ноќта на вештерките е пропаганда на култот на смртта! Сите вие кои планирате ,,ради забава” да го прославите овој ден, најпрво прочитајте го овој текст! – порачуваат од Лесновски манастир. -„Ноќта на вештерките е реална опасност. Кога играте со силите на темнината, тие секогаш победуваат“, рече гласноговорникот на РПЦ, отец Всеволод Чаплин, додавајќи дека како последица на празнувањето на овој древен ,,празник” кај луѓето се јавуваат „болести, страдања и едно чувство на празнина“.

Неговата изјава ѝ последува на одлуката на Министерството за образование за забрана на прославувањето на овој „празник“ во училиштата, со објаснување дека истиот промовира едно „екстремистичко расположение“ меѓу тинејџерите.

Од Министерството исто така велат дека Ноќта на вештерките е „пропаганда на култот на смртта“.

„Родители немојте да ги туркате вашите деца во рацете на сатаната , спротивставете се на сите наставници кои налагаат за ,,прослава” на овој ден, ако сакате да се здрави вашите деца, не ги праќајте на училиште тој ден ако има таква ,,прослава”!- објавија на својата Фејсбук страница свештениците.

Инаку, Халовин се слави во голем број на земји, додека кај нас стана актуелен од пред десеттина години. Во неговата прослава спаѓа маскирање во ликови од хорор филмови, правање на фенери од тиква, палење на оган, гледање на хорор филмови и украсување на домот во портокалова и црна боја. Во многу маркети се нудат специјални производи по повод Халовин, избор на костими со натприродни ликови, како што се чудовишта, костури, духови, ѓаволи, реквизити од хорор филмови, фенери и слично. И мислењето на јавноста е поделено околу тоа дали кај нас треба да се слави Ноќта на вештерките. Додека за некои ова е повод за забава и маскенбал, други сметаат дека се коси со Христијанството и нема допирни точки со нашата традиција.

Вики Клинчарова

Поврзани новости