Македонски пејачи ќе ги мерат силите со балканските ѕвезди во Белград

by fokus

На 29-ти јануари во Штарк Арена во Белград ќе се случува голем регионален музички спектакл кој ќе трае четири часа, а ќе настапат над 60 ѕвезди од Србија, Македонија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Станува збор за првото издание на манифестацијата МАЦ (MUSIC AWARDS CEREMONY), во организација на Скајмјузик продукција.

Како што информираат од огранизацијата, пред почетокот на настанот околу 200 ВИП гости ќе прошетаат на црвениот тепих, а манифестацијата ќе ја следат 15.000 гости во публиката. Истата ќе се пренесува на телевизиите со национална фреквенција во регионот.

Песните кои ќе бидат изведени на МАЦ ги номинираат радио станиците од регионот, а публиката гласа за своите фаворити онлајн.

Ќе се избира најдобра поп нумера од машки изведувач, поп нумера од женски изведувач, поп нумера од бенд, модерна и традиционална фолк нумера, хип хоп и рап нумера, рок нумера, музичко видео, концерт, етно нумера, алтернативна и електро поп нумера и други.

Од Македонија, во категоријата модерна и традиционална фолк нумера на МАЦ ќе учествуваат Елена Велевска со песната ,,Недостапна за тебе” и Сузана Гавазова со песната ,,Опасна за око”.

Во истата категорија со нив се номинирани Лепа Брена, Харис Џиновиќ, Саша Матиќ, Сека Алексиќ, Тања Савиќ и други.

Во категоријата поп машки изведувач од кај нас номинирани се Александар Тарабунов, Давид Темелков, Лозано и Владо Јаневски. Тие ќе ги мерат силите во силна конкуренција како Здравко Чолиќ, Ѓорѓе Балашевиќ, Жељко Самарџиќ, Жељко Јоксимовиќ, Жељко Бебек, Саша Ковачевиќ и други.

Во категоријата поп женски изведувач од Македонија е номинирана Магдалена Ена, додека во категоријата поп бенд ќе не претстават Ај Кју и Пеперминт.

Наши претставници во алтернативна и електро поп нумера се Фолтин и Сара Мејс.
Во категоријата музичко видео номинирани се Некст Тајм со ,,Слушам кај шумат шумите”, ДНК со ,,Невозможна мисија” и ,,Лозано со Километри”.

ДНК се исто така наши единствени претставници во категоријата концерт, со концертот во Метрополис Арена, кој се одржа на 12 – ти мај 2017 година.

Во категоријата нов изведувач ги имаме Дупер, Антонија Гиговска, Лина Пејовска и Мина Блажев. Во истата категорија ќе се натпреваруваат и ќерката на Цеца Ражнатовиќ, Анастасија и синот на Лепа Брена, Стефан Живојиновиќ.

Од МАЦ најавуваат музичко шоу организирано според највисоките светски продукциски стандарди. Ќе бидат доделени над 30 музички признанија, а ќе следат и ревијални настапи на голем број на балкански ѕвезди.

Вики Клинчарова

Поврзани новости