Македонски олигарси (2): Минчо Јорданов

by Фокус 11:44
11:44

Текстот е објавен на шести јули 2007 во неделникот „Фокус“ во бројот 627

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

- Advertising -
"

Минчо Јорданов може да се прогласи за најуспешниот инвеститор – како што милува да го третираат, ама од групата која е со руски „печат“. Ете, како за илустрација, Ристо Гуштеров неколку пати правеше обиди да учествува на тендери и наддавања во Македонија, значи да инвестира како и Минчо, ама по правило секогаш губеше. Или Трифун Костовски, на пример, ќе се фатеше за нешто, како проектите Порцеланка или Кермес, но потоа губеше години затоа што секогаш се јавуваше нешто или некој, па му беа оспорувани од најразлични причини. Смиленски веќе и не е некој репер за успех. Моментално е потстанар на Шутка, иако неговите „инвестиции“ ќе го загрозеа Минчота како нај-нај. Со ова сакам да кажам дека на господинот Минчо Јорданов сѐ му одеше лесно како подмачкано.

Тоа веројатно се должи на неговата работна филозофија мижи-бутај и молчи-толчи. Секако и на неговиот талент да ја најде вистинската мерка да биде близок кога треба со секоја гарнитура на власт, а тоа потоа конкурентската партија да не му го земе за зло, што за македонски услови е куриозитет сам по себе.

За разлика од Ристо и Трифун кои се опробаа и на избори, Јорданов без вакво „длабоко орање“ на државата како дел од изборните карвани, сепак отиде највисоко. Беше вице-премиер во владата на Владо Бучковски. И како потврда дека е вистински виртуоз да си ги нареди работите е следново: во владата беше задолжен за трансформацијата на „Македонски железници“, чиј пак транспортен дел е заинтересиран да го вклопи во своето бизнис царство.

ЧОВЕК ЗА СИТЕ ВРЕМИЊА …

За разлика од Штерјо што на грб си ја носи спорната приватизација на „Фершпед“ и лесната заработувачка од кршење на ембаргото со благослов на владата, Минчо нема вакви петна. Дојде овде во Македонија во 1997 кога главните олигарси веќе беа големи газди. Второ, за разлика од медиумското покривање на газда Штерјо кој имаше свој дневен весник, или барем според маркетиншката застапеност во некои медиуми се добива впечаток дека се негови, Минчо има посуптилни начини за директна дружба со одредени новинарски брендови. Наоѓал „начини“ како да ги одоброволи, а да не боде очи со рекламите дека ги плаќа да го фалат или барем да не го критикуваат.

Инаку Јорданов потекнува од „Рудници и Железарница Скопје“. Од 1983-86 години е директор на „Топла валавница“, од каде што во 1986 година тргна штрајкот кој се префрли пред Собранието на СРМ, а против Извршниот совет на Глигорије Гоговски. Тоа беше настан во социјализмот во југословенски рамки. Не се случуваа такви работи не секој ден ами ни секоја декада. Патем речено, „Топла валавница“ сега е во рамките на неговиот „Макстил“.

Нејсе, Јорданов после големиот штрајк на железарците со кои беше заедно рамо до рамо, потоа станува генерален на „Рудници и Железарница“. Во 1990 заминува како претставник на „Технометал Вардар“ во Москва. „Технометал-Вардар“ е трговска куќа која 99% од обртот на парите го прави за „Железара“. И „Фершпед“ е меѓу таквите фирми кои живеат во добар дел на грбот на железарците.

Токму Минчо Јорданов ќе успее да стори нешто за да видат аир и железарските функционери. Ќе склучи самоуправна спогодба (така ги викаа тогаш), со која нема само технометалци да „шетаат дупе“ во странство туку и „Железара“ ќе има свој човек во овие претставништва. Така Минчо ќе си направи простор за Москва. После две -три години откако ќе дојде до одредени конфликти со директорите во Скопје, Минчо преминува во „Дуферко“, фирма со седиште во Лугано. Станува нејзин претставник за Украина и Русија. Некои велат дека парите ги направил во социјализмот, ама не можел да ги покаже. Други тврдат дека сепак Москва е клучот за неговата трансформација во моќен тајкун.

Сеедно, Јорданов се враќа од каде што тргна. Во Македонија доаѓа кога железара е во пропаѓање. Во мај 1997 РЖ се брише од судскиот регистар и се трансформира во АД „Макстил“. Таму, пак, оние кои живееја на грбот на железарците стануваат сопственици. На база на неплатени долгови, две третини од „Макстил“ или 66% од акциите беа во рацете на „Фершпед“, „Макпетрол“ и „Технометал“.

Неколку месеци подоцна, на први декември 1997, „тројката“ му продава 54% од акциите на „Макстил“ на некогашниот директор на РЖ. Поточно зделката е ваква: 27% одат на име на „Дуферко“, 27% на Минчо, додека „Фершпед“, „Макпетрол“ и „Технометал“ задржуваат 12%, или сите по 4%. Денес, пак, според податоците од македонската берза „Дуферко“ има 62,40% од акциите на „Макстил“, додека „РЕПРО ОНЕ ЛИМИТИД“ – фирма на Минчо – 15,46%.

Колку платил – има различни проценки, според некои извори од „Макстил“, околу 10 милиони долари. Инаку истата тројка: „Фершпед“, „Макпетрол“ и „Технометал“, сѐ уште го поседува „УГОТУР“ – фирма за угостителство и туризам, а произлезена од „Железара“. Во секој случај, и овде во скопската железара на крајот газда станува екс социјалистичкиот морално-политички подобен директор. Ама не по моделчето на Штерјо и компанија, туку со купување акции од нив. Што му доаѓа дека пак излегоа поголеми курнази.

БЛИЗОК ДО СИТЕ ПАРТИИ

Директорот што како подобен за Сојузот на комунистите на Македонија замина во Москва, откако се враќа е во добри врски со новобрендираниот СДСМ. А тоа е предизборна година. Време кога „розите“ на Бранко се подготвуваат за евентуално опозициско дејствување.

Според серијалот колумни на ексразузнавачот Јанко Бачев во „Шпиц“, СДСМ тогаш доаѓа на идеја да формира паралелна разузнавачка служба под негова контрола. Така пред изборите во 1998 година, според Бачев, доаѓа до привидното „збогување“ со СДБ на лицето Живко Ѓеоргиевски, тогашен началник на моќната втора оперативна управа во тајната полиција. Но, заминува на работа токму кај Минчо Јорданов.

Во „Макстил“ старите пријатели од времето на УДБА, ќе напише Бачев, ја реализираат идејата за формирање паралелна разузнавачка служба. Јадрото на таа паралелна структура ќе биде всушност СДБ, и во неа ќе се дислоцираат добар дел од најискусните и најспособни кадри на тајната полиција. Но, ќе биде засилена и со пензионирани агенти на СДБ, кои со своето искуство даваат голем придонес во реализирањето на дефинираните задачи и цели.

Оваа групировка кај Минчо, според Бачев, имаше свој удел и во мегаскандалот „Големото уво“. Овие податоци или шпекулации, сеедно, поминаа со максимална игноранција. Сепак, остануваат барем како пишан запис за матната транзиција.

Но, прогнозите се остварија. СДСМ ја загуби власта. Ама Минчо добро се снаоѓа и со променџиите. Филозофијата му е, велат оние што подобро го знаат, да си со власта. Всушност тој само добро ја укапирал волшебната формула за вакви држави во кои пазарот функционира само на Битпазар и другите зелени пазари. Така, нормално, угладениот Минчо ќе се најде како член во Економскиот советот на премиерот Георгиевски. Потоа нема да има проблем да стане и вицепремиер во СДСМ-овската влада на Бучковски.

Следнава сцена најдобро го отсликува убиствениот шарм на Минчо Јорданов. Се активираше против територијалната поделба или беше за референдумот. Стана дури и заменик претседател на Граѓанското движење кое го имаше токму референдумот како лајт мотив за своето движење. И што се случи?

За разлика од Лилјана Поповска, која беше казнета од владејачкото мнозинство поради прореферендумскиот став, Јорданов веднаш потоа се придвижи кон владините одаи. Поповска ја разрешија од потпретседател на Собранието, но потоа истиот грев не им засмета да го изгласаат Минчо во владиниот тим на Бучковски.

Веднаш во првата недела од министерувањето заменикот на премиерот се сликаше за вести за кредитот од неколку милиони евра што го добил „Макстил“. Всушност, ретко кој друг прави такви фешти со таков публицитет кога се задолжува во банка, како што тоа редовно го прави Јорданов. Беше и меѓу привилегираните кои што опозицијата не ги тормозеше за некаков евентуален конфликт на интереси. А меѓу другото во владата беше задолжен токму и за приватизација на македонски железници. Железницата, пак, му ја електрифицираше пругата од Трубарево до „Макстил“, и тоа во време кога заради кризата отпушташе работици.

МАЛЕЗИСКИОТ ТИГАР ОД ХАРТИЈА

Кога ќе се фрли блиц поглед во ретровизорот, од министерскиот опус на Јорданов, тешко дека ќе видите нешто крупно, нешто што оставило трага, за паметење. Исклучоците не го менуваат правилото. А како гоооолем проект, барем така беше најавуван, е малезијската зделка. Замина помалку мистериозно во Малезија, што потоа беше објаснето како „работна, а не официјална посета“. Се врати од таму воодушевен од она што го договорил. А договорил со една фирма демек да ја гради хидроцентралата „Бошков мост“, потоа 5 мали хидроцентрали и уште 10 000 стана во скопската населба Ново Лисиче.

Неколку месеци подоцна пукна бруката дека „Малезијецот на Минчо е во долгови до гуша“. Во печатот излезе податокот дека малезиската компанија „Хиснијага корпорејшн“, со која вицепремиерот го склучи договор за изградба на хидроцентрали и станови, има еден вработен и долгови од над 10 милиони долари.

Во таа пригода дознавме и дека партнерот на Минчо, компанијата „Хиснијага“ во својата краткотрајна деловна историја изградила само 14 училишта во внатрешноста на Малезија, но нема никакво искуство во градење енергетски објекти. Тоа за „Дневник“ го потврдиле официјално од електростопанство на Малезија. Сепак, Јорданов имаше поинаква верзија. Тој убедуваше дека договорот со Малезијецот ќе пропаднел поради нашата бавност, неорганизираност и неподготвеност. Да биде уште посмешно, во министерството за економија се оградија од договорот на Минчо.

Газдата на „Мастил“ ќе остане до крајот од мандатот на владата на Бучковски, иако од време на време, се пуштаа гласини за негова оставка. Во една пригода дури се толкуваше дека Минчо сака да замине затоа што планира да го купува транспортот на железницата. Сега кога конечно проектот за трансформација на МЖ е во завршната фаза, повторно си има „инсајдер“. Според некои сознанија, сопругата на неговиот директор, на директорот на „Макстил“ е вратена во МЖ и меѓу другото е надлежна токму за трансформацијата.

Кредитот од 22 милиони евра што неодамна го прослави во присуство на премиерот Груевски и министри од владата, најави дека ќе биде за производство и нова опрема. Груевски потоа, во расправата по интерпелацијата за работата на неговиот кабинет, дури и овие 22 милиони од кредитот на Минчо ќе ги спомене во списокот на инвестициите. Дали само му требаа бројки за да го зголеми впечатокот за наплив од нови инвестиции или навистина владата има заслуга и за овие 22 милиони вера, тешко е да се каже. Најавата од кредитната прослава дека ќе се отворат нови 3.000 работни места, злобниците ја коментираат дека е остварлива само доколку Минчо ги смета тука и вработените од МЖ како „три од карти“. Да бидам поконкретна, ќе има 3.000 нови вработувања колку што се изградија 10.000 „малезиски“ станови.

Инаку многу потивко мина проширувањето на Минчо во другите делови од некогашната железара. „ФАКОМ“ и „КПОР“ се во сопственост на неговата фирма „РЕПРО ОНЕ ЛИМИТИД“. Кај „РЖ Интер трансшпед“ се појавува лично името на Минчо Јорданов, додека за „РЖ Економика“ фигурира „Макстил“. Следуваат и „РЖ Институт“, „РЖ Услуги“, и секако болницата „Ремедика“.

Дека тоа не се „ситна боранија“ доволен е податокот дека фермата „КПОР“ настаната од правниот и кадровиот сектор на Железара – поседува 42 хектари земја со дефинирани парцели и оградено земјиште, но и околу 4.000 метри квадратни деловен простор. Инаку, кога е „Макстил“ во прашање да напоменеме само дека челикот учествува со 30% во вкупниот извоз на Македонија.

И на крајот, зарем некој се сомнева дека двоецот Штерјо – Минчо, како добитна комбинација, може да извиси за железницата. Тие се локомотиви кои грабаат напред без застанување. Нели, цело е кога имаш сѐ, сосе пола Македонија.

Поврзани новости