Новите демократии се склони да бираат психопати на власт

by Фокус 14:43
14:43

Пишува
Сем ВАКНИН

„Дојдов тука за да видам држава, но она што го најдов е театар… Наизглед, се’ се случува како што се случува насекаде. Нема никаква разлика освен во самата основа на нештата“, (Де Кустин, пишувајќи за Русија во средината на 19 век).

- Advertisements -

Пред четири децении, полско-американскиот еврејски автор, Јиржи Кошински, напиша книга „Да се биде таму“. Таа го опишува изборот за претседател на САД на еден шутрак, градинар, чии невкусни и банални изјави се сметаат за досетливи и мудри и ја исполнуваат проникливоста за човековите работи. Синдромот „да се биде таму“ сега е манифест во целиот свет: од Русија (Путин) до САД (Обама).

Имајќи го предвид доволно високото ниво на фрустрација, предизвикано од повторливите, ендемични и системски неуспеси во сите сфери на политиката, дури најотпорните демократии градат склоност кон „челичните луѓе“, лидерите чија самодоверба, смиреност и очигледна семудрост, скоро да гарантираат промена на курсот кон подобро.

Тие се обично луѓе со тенки биографии, кои постигнале малку пред да дојдат на функција. Се чини дека паднале на сцената од никаде. Прифатени се како далекувиди месии токму поради тоа што не биле обременети со лесно забележливо минато и затоа се наводно неоптоварени со претходни врски и обврски. Нивната единствена обврска и должност е иднината. Тие се неисторични: немаат историја и се над историјата.

Навистина, токму овој очигледен недостиг од биографија е она што ги квалификува овие лидери да ја репрезентираат и да придонесуваат за фантастична и грандиозна иднина. Тие служат како празна табла врз која групата ги проектира своите сопствени карактери, желби, лични биографии, потреби и копнежи.

Колку повеќе овие лидери се оддалечуваат од своите почетни ветувања и колку повеќе не успеваат да ги исполнат, тие им се толку повеќе драги на своите гласачи: како и нив, нивниот новоизбран лидер се бори, се справува, се обидува и не успева, како и нив, и тој има свои мани и дефекти. Овој афинитет е привлечен и маѓепсува. Тој помага да се создаде заедничка психоза помеѓу владетелот и народот и го поттикнува појавувањето на хагиографијата (на житијата – н.з.).

Склоноста да се избираат нарцисоидни или дури и психопатски личности на власт е најизразена во државите кои немаат демократска традиција (како Кина, Русија, или народите кои ги населуваат териториите што некогаш и припаѓале на Византија или на Отоманската империја).

Културите и цивилизациите кои намуртено гледаат на индивидуализмот и имаат колективистичка традиција, претпочитаат да инсталираат „силен колективен лидершип“, наместо „челични луѓе“. Па сепак, сите овие држави прават театар од демократија, или театар од „демократски постигнатиот консензус“ (Путин го нарекува „суверена демократија“). Ваквата шарада е без суштина и соодветна функција, пренатрупана е и во согласност со култот на личноста или со обожувањето на партијата на власт.

Но зошто демократскиот идеал доживува таков неуспех?

Во најразвиените држави и во земјите во транзиција, демократијата е празен збор. Знаците на демократијата, навистина, се тука: кандидатски листи, партии, изборна пропаганда, мноштво медиуми и гласање. Но отсуствува суштината. Демократските принципи и иснтитуции постојано се празнат од својата суштина, тие се исмеани од изборната измама, од политиките што исклучуваат, од кронизмот, корупцијата, уцените и заплашувањата, и судирот со Западните интереси, како комерцијалните така и политичките.

Новите „демократии“ се лошо маскирани и криминализирани плутократии (сетете се на руските олигарси), авторитарни режими (Централна Азија и Кавказот), или марионетски хетерархии – власт на туѓинци – н.з. – (Македонија, Босна и Ирак, да споменеме само три скорешни примери).

Новите „демократии“ патат од истите болести кои ги напаѓаат старите примери на кои тие се угледуваат: матни финансирања на кампањите; отворена коруптивна врата меѓу државната администрација и приватните фирми; ендемска корупција, непотизам и кронизам; медиуми кои применуваат самоцензура; социјално, економски и политички исклучени малцинства; итн. Но додека оваа болест не им се заканува на темелите на САД и Франција, таа ги загрозува стабилноста и иднината на Украина, Србија, Молдавија, Индонезија, Мексико и Боливија.

Многу држави избираат просперитет пред демократија. Да, жителите на овие држави не можат слободно да зборуваат, да протестираат или да критикуваат, дури ниту да се шегуваат од страв да не бидат уапсени или да им се случи нешто уште полошо, но во замена за откажување од овие тривијални слободи, тие имаат храна на масата, целосно се вработени, добиваат добра здравствена заштита и соодветно образование, штедат и трошат на свое комплетно задоволство.

За возврат на овие земни и нематеријални добра (популарноста на раководството што води кон политичка стабилност, просперитет, безбедност, престиж во светот; авторитет дома; обновено чувство на национализам, колективитет и заедништво), граѓаните на овие земји се откажуваат од правото да го критикуваат режимот или да го сменат еднаш на секои четири години. Многумина мислат дека направиле добар пазар, а не фаустовски.

Поврзани новости