Уште од почетокот на пандемијата ,,Фокус” објави голем број на сведоштва и интервјуа со лица позитивни на Ковид-19. Беа споделени нивните искуства со вирусот кој е недоволно познат за човештвото, се упатија голем број на пораки од страна на пациентите со цел подигање на јавната свест за реалната опасност, и почитување на мерките кои барем засега се единствен начин на превенција од инфекцијата.
Голем број од лицата кои собраа храброст и јавно ги споделија своите искуства на тема која уште е еден вид на табу во земјава, денес се веќе успешно излекувани и имаат два негативни теста зад себе. Продолжуваат со животот, побогати со едно искуство за кое тврдат дека никогаш нема да го заборават.
Но, сите наши соговорници, излекувани пациенти од Скопје и од внатрешноста, се едногласни во една работа – освен што се бореле со вирусот, морале да се справуваат и со предрасудите на околината, а за многу од нив, и неколку месеци по излекувањето, таа борба уште траела.
Идентитетот на лицата чии сведоштва ви ги пренесуваме е познат на редакцијата на ,,Фокус”, а истите велат дека по се низ што поминале, со цел да си го зачуваат мирот кој во ова време на закрепнување им е неопходен, решиле да останат анонимни.
-Дека е нешто слично на грип, ви гарантирам дека не е така. Уште при првите симптоми, при првото губење на слабост се чувствува дека ова е сосема подруга состојба. По времето поминато на домашно лекување, кое и не е така наивно како што многумина го замислуваат, при првото излегување надвор, како излекуван пациент, се соочив со нов проблем, некој вид на фобија од околината, избегнувањето од страна на луѓе кои ги знам и за кои сум верувал дека ќе имаат разбирање… Влегов во маркет, касиерката со маска под брадата, доаѓам на ред да платам. Веднаш штом ме препозна, а очигледно знаела дека бев инфициран, ја навлече маската на нос, дури и се колеба дали да ги земе парите и да ме услужи. Негативен сум, и викам, а ти стави ја маската како што треба, можеби си инфицирана, а не знаеш, па шириш вирус, и реков. Ова е само една од непријатните случки на кои не сакам да им придавам важност, бидејќи здравјето и мирот сега ми се најважни – раскажува излекуван пациент од Скопје.
Во малите места, каде луѓето меѓусебно се познаваат, состојбата со излекуваните пациенти е многу полоша. Имало случки кога дури и блиски роднини на инфицираните, и покрај тоа што не живеат во ист дом, биле бркани од маркети.
-Излегувај надвор, што бараш во маркетот, дома треба да си седиш, родителите ти се болни, корона ќе ни донесеш на сите – со овие зборови сопственичка на маркет и се обратила на ќерката на луѓе инфицирани од вирусот, која е возрасна личност и има свое семејство, односно не живее заедно со родителите.
Родителите сега се излекувани, но велат дека се тотално разочарани од нашиот менталитет, од лошите искуства од народот, кој од една страна не верува дека вирусот постои, од друга страна бега и од веќе излекувани пациенти.
-Се изнаслушваме на приказни дека сме зеле 5.000 евра за да кажеме јавно дека сме позитивни на вирусот- раскажува веќе излекуван пар – и не постои начин да се разубеди народот дека ова не е игра, дека нема тука теории на заговор, дека никој не дава илјадници евра за некој да признае дека има Ковид-19. Не знаеме како може овој народ да ги следи секојдневните вести, да ги гледа бројките на новоинфицирани и починати, и да не сака да ја согледа реалноста. Многу злоба исплива на површина откако се инфициравме, и тоа на работно место, не по наша вина, но барем увидовме кои луѓе заслужуваат да останат во нашите животи. Да се будиш секое утро, да се прашуваш дали ќе го преживееш денот, да се бориш со тешката болест, и на крај да наидеш на осуда, на обвинувања кои се косат со здравиот разум… Ковидот е нешто кое може да им се случи и на најголемите скептици, но веќе немаме сила да појаснуваме – раскажува парот кој веќе еден месец е излекуван од вирусот.
Околу тоа дека пациентите кои остануваат на домашно лекување, не се секогаш случаи кога болеста минува лесно, сведочи и пациентка која под лекарски надзор се излекува дома.
-Ако наутро ми беше добро, во тек на денот се случуваше да ми стане многу, многу лошо. Ако пак наутро се будев со слабост и болки, во тек на ноќта се чувствував како да сум здрава. Нема правила, но воопшто не беше лесно. Од лично искуство, мислам дека вирусот најмногу ги напаѓа оние делови на телото каде и претходно сме имале некоја слабост. Јас често имав главоболки, кога се инфицирав, тие станаа неподносливи, како да ми гореше целата глава, немав сила да станам од кревет. Течности, супи, со сила ставав во уста, оти сакав што побргу да оздравам и да си ги гушнам децата. Таа помисла ме водеше во текот на целата болест – раскажува жената.
Сите се согласуваат дека кога ги добиле позитивните резултати, од стравот за сопствениот живот им бил поголем стравот за најблиските, мислата дали ги инфицирале, дали и како тие би го прележале вирусот.
-Во вакви моменти сфаќаме дека семејството е најважно на светот. Добиваш позитивен резултат, се затвораш дома, во четири ѕида, те убиваат тешки мисли, секојдневно слушаш за бројот на починати… И сфаќаш дека ништо материјално нема апсолутно никаква вредност. Милиони на сметка не можат да ти помогнат. Се молиш да поминеш со лесно, да не дојде ред да ти треба кислород. И ако овој вирус не научи на нешто, тоа е дека семејството е најдрагоценото нешто, дека бројот на пријатели за кои си мислел дека ќе гинат за тебе, ќе оди надоле, и среќен си ако покрај тебе останале барем еден или двајца – вели излекуван пациент од внатрешноста.
За погледите од околината, полни со страв и дури и осуда, велат дека им станале секојдневие по излекувањето.
-Луѓе кои на социјалните мрежи упорно пишуваат дека нема вирус, дека ова е само грип и зад сето ова се крие некоја светска завера, најчесто токму тие имаат најголем страв дури и од случајна средба со мене, на улица, во маркет. Преминуваат од другата страна на улицата кога ќе ме сретнат, излегуваат од продавница кога ќе влезам. Тоа се истите оние кои тврдат дека Ковид-19 пациентите сме добиле пари за да глумиме болест. Тешко ми паѓаа коментари дека штом сум на домашно лекување, значи дека не сум болен. Јас добро знам како го поминав тој период. И она што ме плаши е неизвесноста, ова е нов вирус, не знам што ќе се случува во иднина, какви последици би можел да ми остави. Можеби по некој месец повторно ќе ми се јават здравствени проблеми, тоа е она кое мене и други излекувани пациенти не мачи- вели средовечен маж кој пред околу три недели бил излекуван.
Но, освен од околината, многу од пациентите велат дека не наишле на разбирање дури и од пациенти инфицирани од корона вирус, а кои биле асимптоматски случаи и болеста ја поминале без ниту еден симптом.
-Дел од асимптоматските пациенти исто така не веруваат во вирусот. Тврдат дека тестовите се неточни, не сакаат да прифатат дека се инфицирани и мора да останат дома. Не веруваат кога им кажуваме низ што поминавме, какви здравствени проблеми имавме – велат излекувани пациенти.
И епидемиолозите од центрите за јавно здравје исто така потврдуваат дека најмногу проблеми имаат со асимптоматските пациенти.
-Не можеш да ги убедиш дека се инфицирани, бараат ново тестирање, се расправаат со нас. Овие неколку месеци имавме навистина тешки моменти, бевме навредувани, не знаеме како да им ја појасниме фактичката состојба. Тоа со криењето на контакти е посебна приказна, се изнагледавме на секакви случки – велат од Центар за јавно здравје Кавадарци.
И од Центар за јавно здравје Битола исто така потврдија дека голем број од пациентите не сакаат да веруваат во вирусот, па се кријат дома и чекаат состојбата да им се влоши, за да побараат лекарска помош.
-Сами се лекуваат на своја рака, кога веќе ќе им стане многу лошо, дури тогаш се осмелуваат да побараат помош. Криењето на контакти исто така е голем проблем, на штета на цела заедница – велат од таму.
Од Центар за јавно здравје Гевгелија во неколку наврати апелираа дека мора да има дисциплина кога е вирусот во прашање.
-Асимптоматските случаи мора да се однесуваат исто како и пациентите со симптоми. Истите правила мора да важат за сите и мора да се почитуваат. Ако некој нема симптоми, не значи дека не може да ги инфицира останатите, потребна е голема дисциплина – велат од центарот.
Во сите овие приказни, дел од пациентите велат дека се изненадиле и од неочекуваната поддршка од лица кои дури и не биле нивни пријатели. Се случило дома пред врата, додека се лекувале, да им остават списанија, овошје, некоја книга.
-Вирусот дефинитивно помогна да паднат многу маски, да се разобличат многу луѓе, да исплива на површина себичноста и примитивизмот, неспособноста да се покаже сочувствителност и разбирање. Но, помогна и да се спознаат вистинските вредности, да се направи селекција на луѓе кои заслужуваат да останат во нашите животи – раскажаа излекуваните пациенти.
Вики Клинчарова