Компанијата „Тарбсмак“, која своевремено се формираше како дел од австралиската групација на „Тарбс“ со цел емитување на сателитска програма надвор од земјава, а долги години беше предмет на низа контроверзии, е пред згаснување, со оглед дека за неа веќе една година тече стечајна постапка.
„За овој субјект оформен е стечаен предмет и преземени се процесни дејствија согласно Закон. Одржано е испитно рочиште, одржано е извештајно собрание, деловниот потфат на должникот е затворен и ликвидиран, по што е донесено Решение за утврдени и оспорени побарувања“, не известија од скопскиот граѓански суд, каде се води стечајната постапка.
Според информациите до кои дојдовме, на 03.03.2022 година донесено е Решение СТ.бр.220/21, со кое е отворена стечајна постапка врз правниот субјект, која е во тек. Поточно, постапката е започната на почетокот на ланската година, додека моментално е во фаза на ажурирање.
„Собранието на доверители донесе одлука деловниот потфат да биде затворен и имотот да се впаричи. Собранието на доверители донесе одлука со која се основа Одбор на доверители во состав од три члена: „Орландо Клинци“ од Загреб, Хрватска, „Адриа Њуз С.а.р.л“ од Луксембурт и УЈП преку Државно Правобранителство“, објавил Централниот регистар.
Оттука, произлегува дека двете странски компании и УЈП се меѓу најголемите доверители што впрочем ја иницирале стечајната постапка за „Тарбсмак“, која, пак, ја води стечајниот управник Маринко Саздовски. Од него побаравме информација дали, односно каков имот поседува друштвото за покривање на побарувањата, но одговор не добивме.
БАХАМСКА ОФШОР-ШЕМА
„Фокус“ пишуваше за „Тарбсмак“ во рамки на серијалот за поранешниот директор на Фондот за пензиско и здравствено осигурање Ден Дончев, кога го отворивме случајот за нелегалните трансакции што на негова сметка легнувале од фирма регистрирана во Муртино, која пак се финансирала од австралиска компанија во сопственост на исти лица.
Како што објавивме кон средината на 2020 година, Дончев во период од 6 месеци во 2018 година добил над 3 милиони денари по основ на плати од компанијата со основна дејност за интернет–портали „Ремаркет“, која се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“.
Ден Дончев примил австралиски долари за консултантски услуги преку компанија од Муртино!
Тогаш, од македонската компанија ни објаснија дека Дончев давал консултантски услуги во периодот од 2013 до 2018 година за австралиската компанија, меѓутоа за испорачаните услуги во 2018 година одлучиле да му исплатат околу 50 илјади евра преку македонската компанија, бидејќи тој во тоа време бил во Македонија.
„2018 година беше единствената година кога сервисите на г-дин Дончев беа исплатени преку „Ремаркет“, во тип на плата, не во готово, наместо Megantic PTY LTD, бидејќи беше релоциран во Македонија. Ние сме му благодарни дека ни помогна со компаниските операции и во текот на 2018 година, иако беше ангажиран и со други работни обврски“, истакнаа од компанијата.
Подоцна, дојдовме до нови сознанија, според кои, покрај овие 50 илјади австралиски долари во 2018 година, Дончев примил дополнителни 80 илјади австралиски долари во 2019 година, но овојпат директно од австралиската компанија, иако тогаш, исто така, тој бил лоциран во земјава, а патем, веќе не давал консултантски услуги?!
Иако во тоа време веќе вршел јавна функција, сепак, Дончев сметаше дека средствата што ги добил за консултантски услуги се целосно законски, посочувајќи дека уредно ги пријавил во Управата за јавни приходи и за нив платил соодветен данок.
–Во претходните 20 години, не е прв пат да се води истрага од државните органи против мене. Притоа, без разлика кој бил на власт и кој ја водел таа истрага, било констатирано дека се сум работел според законот – ни изјави тогаш Дончев.
Арно ама, тој како јавен функционер не смеел да врши консултантски услуги и да остварува приходи по овој основ. Затоа, по објавувањето на нашата сторија Антикорупциската комисија отвори предмет за Дончев, но на крајот тој беше казнет со 150 евра за непријавување на приходите, така што цела работа се затвори како формален прекршок.
Додека ги истражувавме незаконските трансакции на Дончев, обезбедивме интересен податок. Имено, неговата сопруга, Зунка Дончева, своевремено била управител на компанијата „Вентуре Оне“, во сопственост на истоимена компанија со седиште на бахамските острови Туркс и Кајкос, кои всушност претставуваат офшор-зона.
АРХИВА Каква бахамска офшор-шема го поврзува Ден Дончев со сателитската компанија „Тарбс“?
Пред да биде ликвидирана во 2010 година, „Вентуре Оне“ била регистрирана на иста адреса како и „Тарбсмак“, за која веќе една година се води стечајна постапка, што треба да резултира со ликвидација на фирмата.
КОЈА Е „ТАРБСМАК“?
Официјалните податоци покажуваат дека „Тарбсмак“ е основана во 2003 година од страна на Тони Илиоски, кој беше одговорен директор на „Тарбс“ за Европа. Станува збор за компанија што беше дел од истоимената австралиска групација на Мајк Булос, чиј договор со МТВ потоа беше предмет од преиспитување и оспорување, а двете страни завршија и на суд.
Инаку, Владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Љубчо Георгиевски (за време на оваа Влада, Дончев беше директор на Телеком, кога операторот се приватизираше) на заминување во 2002 година потпишува договор со австралиската компанија „Тарбс“, според кој Скопје треба да прерасне во регионален сателитски центар, а МРТ да добие емитување на сигнал за дијаспората.
Според тогашните најави, телепорт-центарот сместен во просториите на МРТ требало да го користи „Тарбс“ во рок од пет години и по истекувањето на тоа време да го отстапи во трајна сопственост на Македонија. Доколку тоа се случеше, земјава ќе можеше да наплаќа од сите балкански телевизии кои сакаат да користат сателитски услуги од Скопје.
Но, брзо по потпишувањето на договорот доаѓа до промена на власта, па новиот премиер од СДСМ Бранко Црвенковски не дозволува увоз на опремата, која „Тарбс“ требаше да ја донесе во Македонија и да ја смести во МРТ. Оваа опрема цели три години стоеше заробена во складиште на царина.
Дури откако Владо Бучковски стана премиер, се менува пристапот кон ова прашање, па неговата влада договара анекс на договорот со кој се продолжува рокот за користење на центарот до 2010 година за да се надоместат изгубените три години на царина. Во 2005 година, сателитски телепорт центар во зградата на МТВ беше свечено пуштен во употреба.
Во 2006 година на власт доаѓа ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски (Дончев беше генсек на ВМРО кога Груевски стана лидер, но брзо се разделија), што повторно предизвикува проблеми на линија меѓу „Тарбс“ и државата, па австралиската компанија во 2008 година поднесува две тужби против неколку македонски институции, со која бара 72 милиони отштета за непочитување на договорот и на анексот.
Сепак, „Тарбс“ се откажа од тужбата против државата на Меѓународниот суд во Лондот во 2012 година, кога тогашниот министер Миле Јанакиески обзнани дека судот одлучил дури „Тарбс“ да ги подмири и адвокатските трошоци на државава од неколку милиони евра.
ШТО ОТКРИЈА „БОМБИТЕ“?
Низ годините, постојано се пишува за поврзаноста меѓу „Тарбс“ и Дончев. Па така, во една пригода тој самиот изјави дека бил дел од иницијативата програмите на МТВ да одат на сателит. Меѓутоа, секогаш демантирал дека било каква поврзаност со компанијата и склучениот договор.
Она што не го демантираат ниту тој ниту сопственикот на „Тарбсмак“ – Илиоски, е дека се познаници, со тоа што и двајцата еден период од животот живееле и работеле во Австралија. Впрочем, за поврзаноста меѓу нив говорат и објавените аудио-снимки, на кои може да се слушне како Дончев говори за активности на институциите во компанија поврзана токму со Илиоски.
Како што тогаш пишувавме, станува збор за друштвото „Тотал ТВ“, во доминантна сопственост на „Адриа ДТХ“ со седиште во Аместердам, која всушност е дел од регионалната United Group. Но, малцински удел тогаш имаше прилепската „Леонидсат“ на Илиоски, која, според моменталните податоци, во меѓувреме ја сменила сопственоста.
Дали Дончев барал „заеднички јазик“ за удделот на малцинскиот содружник во „Тотал ТВ“?
–Јас се согласив да го ставам тоа во мирување, мислејќи дека ќе има шанса да седнеме да најдеме заеднички јазик… Го ангажираа (Филип) Медарски пред извесен период, со цел најверојатно да имаат влијание кај премиерот (Зоран Заев)… Шефот (Заев) се согласи да им пуштат полиција внатре, влегоа… – говори Дончев пред непознат соговорник.
Тогашниот премиер Заев, пак, кој Дончев го споменува во контекст дека се согласил полицијата да влезе во компанијата, потврди дека се работи за „Тотал ТВ“, а не, истакна тој, за „Дијамед“, како што првично се доби впечаток. Притоа, Заев посочува дека зад објавувањето на снимките стои ВМРО-ДПМНЕ и тие, според него, се извадени од контекст.
– Медарски, многу често и адвокат на СДСМ, имал предмет во кој сопственици на „Тотал ТВ“ имале меѓусебни пријави во полиција, која постапувала по „Тотал ТВ“, а тој бил застапник на еден од нив. Еден од сопствениците на „Тотал ТВ“ (Тони Илиоски) е пријател и на Ден Дончев, па зборувале за него… – изјави Заев.
Поради оваа пријателска врска меѓу Дончев и Илиоски, како и поради интервенциите на Дончев во корист на компанијата во формална сопственост на Илиоски, ги прашавме дали можеби зад оваа компанија стои Дончев? Меѓутоа, тој се повлече од комуникацијата со „Фокус“, додека Илиоски ни изјави:
„Единствен сопственик на „Тарбсмак“ и на Леонидсат“ сум само јас и немам содружници. Во досегашната работа сум стекнал многу познаници и пријатели, но никој ништо не може да бара во мое име и за мои потреби“.
КРИВИЧНА СО НЕПОЗНАТ ЕПИЛОГ
За потсетување, во првата половина на 2021 година беше поднесено обвинение против сопственичката на „Дијамед“, Вера Иванова, за злоупотреба на службена положба и за перење на пари, поради начинот на кој стекнала лиценца за дијализа и потоа ја продала компанијата на странски инвеститор. Овој процес заврши годинава, со првостепена условна осуда.
Но, како што е познато, Иванова за истиот случај во 2019 година поднесе кривични пријави против Дончев и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, кои, според неа, ја злоупотребиле службената положба со тоа што се обиделе да ја спречат продажбата на „Дијамед“. Но, се уште е непозната судбината на овој предмет.
Пред околу една година, од Јавното обвинителство не информираа дека предметот е во предистражна постапка, во која сите активности и дејствија што се преземаат од страна на надлежните органи се тајни. Воедно, од таму посочија дека издадени биле и низа наредби до МВР за кои се очекува известување во врска со постапувањето.
Се чека епилог од кривичните за Филипче и Дончев, нов обвинител го презел случајот
Исто така, добивме одговор дека надлежниот јавен обвинител кој постапувал во овој предмет бил избран во друго обвинителство, па неговите предмети, вклучително и овој, му биле дадени на друг обвинител избран во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Сега, година дена подоцна, повторно се обративме до Обвинителството во врска со овој случај. Прашавме какви дејства се преземени и дали има епилог, односно дали предметот е затворен во фаза на предистрага или пак е отворена истрага? Но, се уште не добивме никаков одговор!
Влатко Стојановски