Македонската евровизиска делегација утре заминува во Португалија, нема одговор колку пари годишно даваме за Евровизија

by Fokus

Македонската евровизиска делегација утре заминува во Лисабон, Португалија, каде на осми, десетти и дванаесетти мај ќе се одржи 63-тото издание на популарната музичка манифестација.

Нашиот претставник на Евровизија 2018, групата Ај кју, заедно со делегатите неодамна се вратија од Мадрид, Шпанија, каде имаа настап како дел од промотивната турнеја. Пред тоа ја промовираа песната ,,Lost and found’’ во Амстердам, Холандија и во Тел Авив, Израел. Групата Ај кју е составена од три члена, Марија, Бојан и Иво. Нивни придружни вокали на евровизиската сцена ќе бидат Антониа Гиговска, Дина Јашари и Валери Димовска.

Од МТВ како дел од делегацијата се Мери Попова, шеф на делегацијата, Александра Јовановска како шеф на прес и новинар кој подготвува специјални емисии од настанот, Каролина Петковска како коментатор и новинар кој што ги подготвува сите останати извештаи за програмата, Цветко Стојановски – снимател, Авни Ќаили, новинар од Вториот Програмски сервис и новинар од радиото, Јошко Бошковски.

Лани, нашата евровизиска делегација се најде на мета на напади од јавноста, поради константните лоши пласмани во тек на годините наназад. На социјалните мрежи се бараа промени во целиот концепт околу изборот на песната и изведувачите, но и одговорност од делегацијата која и годинава е во речиси истиот состав.

По завршувањето на минатогодишната Евровизија во Украина, каде Македонија со претставничката Јана Бурческа не успеа да влезе во финалето, ,,Фокус’’ ја контактираше шефицата на нашата делегација, Мери Попова, која ни изјави дека делегацијата во никој случај не чувствува морална одговорност поради константните лоши пласмани и како секој поединец во тимот работел максимално професионално. Таа тогаш одби да ни открие со колкав буџет располагаат и не ги потврди ниту пак ги демантираше гласините дека годишно имаат околу 400.000 евра на располагање.

Нема официјална изјава ниту колкав е буџетот за Евросонг и за оваа година. На љубителите на овој музички настан им преостанува само да се надеваат дека годинава ќе се разбие малерот и конечно ќе се вратиме со подобри резултати.

Вики Клинчарова

Поврзани новости