Обединетата македонска дијаспора (ОМД) содржината на договорот со Бугарија ја опиша како нецелосна, нејасна и контрадикторна и смета дека со потпишувањето, како и со евентуална ратификација во Собранието, негативно би се одразил врз македонските национални интереси, но и на унапредување на долгорочните односи помеѓу Македонија и Бугарија.
„Договорот требаше да биде објавен многу порано, за да ѝ се овозможи на јавноста дебата, со што би се составил во корист на заштита на македонските национални интереси, а не само на Бугарија, која го користи ова како уцена да ја поддржи Македонија за членство во евроатлантските институции.
ОМД е со цврст став дека овој договор е контрадикторен во својата содржина. Треба да се прецизира точно кој дел од историјата ни е заеднички, за да може да се затвори можноста што моментално ја нуди содржината на договорот, Бугарија да изврши преписка на целосната македонската историја како своја, а не како посебна историја на македонскиот народ и држава“, велат од ОМД.
Од ОМД препорачуваат да не се избрзува со потпишување на договорот. Тие како спорно го посочуваат тоа што во договорот никаде не се споменува признавање на македонскиот јазик и дека содржината на договорот, каква што е сега, може да ѝ дозволи на Бугарија да направи приговор кон употребата на официјалниот македонски јазик во ЕУ.