Македонската Армија – сега и секогаш!

by Фокус

На многумина им должиме нивните дела да ги претставиме достојно и да се гордееме со тоа што направивме, сите ние, претходници и наследници. Секој еден што некогаш бил и поминал низ Армијата и Министерството за одбрана оставил трага и сопствен печат, е можеби помало, можеби поголемо камче во мозаикот, но впрочем во тоа е убавината на мозаикот и тоа го прави посебен

Пишува: Славјанка ПЕТРОВСКА

„От како потпадна под фашиско ропство македонскијот народ до денес поминл низ многу борби и испитанија. Бранејќи се от фашискијот грабеж и тиранија и нанесувајќи му удри на окупаторот, македонскијот народ е ковал својето единство и е стварал својите партизански одреди, који от мали групи и чети денеснараснаја на голема оружена снага. Како резултат на тије напори на македонскијот народ, денес по цела Македонија се стварат првите единице на нашата Народно-ослободителна војска“.

Ова е дел од Решението за формирање на првиот партизански баталјон „Мирче Ацев“ во Втората оперативна зона, формиран на 18 август 1943 година на Славеј Планина и броел околу 200 борци, со задача да изврши мобилизација на населението од Дебарца и да го подготви за ослободителни борби.

Баталјонот „Мирче Ацев“, всушност, е првата формациска единица и е симбол на стремежот на македонскиот народ за државност и токму затоа по осамостојувањето, овој ден го празнуваме како Ден на македонската Армија.

Зборовите во решението ја отсликуваат реалноста во Македонија во тоа време. Битка за слобода, битка за ослободување на сопствената територија, создавање подобра иднина и битка да се живее сонот за слободна Македонија.

Осумдесет години подоцна се поставува прашањето: го остваривме ли сонот на нашите предци? Го живееме ли сонот за слободна Македонија?

Денот на Армијата, како и секогаш, претставува одлична можност да направиме ретроспектива за тоа што се случуваше во изминативе години.

Се разбира, секој од нас не бил сведок на случувањата во континуитет од 1943 година, па до денес, но затоа постојат бројни записи и сведоштва што ги даваат потребните информации за тоа каде бевме, а каде сме денес и сето тоа низ призмата на воената историја.

И самото решение за формирање на првиот партизански баталјон дава можеби малку информации и детали, но доволно за да го поврземе со она што се случува денес.

Вековниот стремеж, борбата за слобода, која почна далеку пред 1943-та, надополнета со борбата за самостојност и државност, потврдена со првото заседание на АСНОМ, и денес се присутни во модифициран облик и се наша водилка во процесите што се случуваат.

Нашите претходници, пред и по осамостојувањето, оставија доволно трага низ тие процеси и придонесоа успесите на македонската Армија да бидат сѐ почести, а таа да расте и да прерасне во современа и модерна Армија, која е дел од најмоќниот воено-политички сојуз, НАТО.

Но, не одело сѐ така лесно и едноставно. Многубројни бури, битки и војни се дел од страниците на кои е испишана македонската воена историја. Многу премрежја и предизвици беа тест за сите генерали и воени старешини во годините по 43-та.

ЗАМИНУВАЊЕ НА ЈНА

На почетокот тоа биле ослободување на окупираните територии, враќањето на својата слобода и преземањето на управувањето со тие територии, период кој е познат како период на Народноослободителната и антифашистичка војна.

Потоа следувал период на градење на државата, каде што почнува промената на поставеноста и функционирањето на Армијата и поставувањето на народната одбрана согласно тогашните предизвици, со што Армијата помага и во уредувањето на општествено-политичкиот живот во тоа време, период кој трае до 90-тите години на минатиот век.

А потоа следува современата, понова македонска воена историја, која е испреплетена со остварувањето на вековниот сон на нашите предци и претходници, а тоа е самостојна и независна држава.

Денес е јасно дека тој сон го остваривме, го живееме сонот за слободна Македонија и горди сме што го исполнивме заветот и на илинденците и на асномците.

Во овие 32 години независност и 31 година македонска Армија сме се соочувале со сериозни предизвици, кои во дадени моменти биле критични за опстанокот на македонската држава.

Но, сме успеале успешно да ги надминеме. 1992 година е годината што е исклучително важна за Армијата зашто тогаш за првпат се носи Законот за одбрана на суверена и независна Република Македонија, а на 21 февруари, тогашниот претседател на Републиката и врховен командант, Киро Глигоров, заедно со заменик сојузниот секретар за народна одбрана на СФРЈ, Благоја Аџиќ, потпишува договор со кој поранешната ЈНА заминува од територијата на независна и суверена Македонија.

Потоа почнува процесот на преземање на караулите и објектите на ЈНА и во март таа година завршува со преземање на последниот и воедно најголем воен објект, а тоа е денешната касарна Илинден, а во тоа време именувана како Маршал Тито.

Ден подоцна се потпишува договор, овојпат меѓу претседателот Киро Глигоров и генералот на ЈНА, Никола Узелац, со што и официјално Армијата на Република Македонија ја презема целосната контрола над територијата на нашата држава.

И оттогаш почнува процесот на градење на македонската Армија, како главен симбол на државноста и столб на одбраната на државата.

Празни објекти во секоја смисла, многу малку ресурси и бројност на кадарот е првата слика што ја затекнал тогашниот и прв министер за одбрана проф. д-р Трајан Гоцевски, заедно со првиот началник на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Митре Арсовски.

„Да почнеме од почеток“ е веројатно тоа што јас би го изјавила ако бев на нивно место и во нивно време. И кога ќе погледнеме што имаме денес, каде сме денес, каде е нашата Армија денес, тогаш со целосна оправданост ќе кажам дека длабоко им се поклонувам и им се восхитувам на првите министри, првите началници на Генералштабот и сите воени старешини и припадници на Армијата, кои ја создале современата македонска Армија.

Сите кои уште во раните 90-ти години почнаа да го трасираат патот по кој денес чекориме гордо и многу полесно отколку тие на почетокот.

РАМО ДО РАМО СО СОЈУЗНИЦИТЕ

Во овие изминати 31 година, Армијата се изгради како сигурен гарантор на мирот и безбедноста на граѓаните и институциите, секогаш и секаде одговарајќи на повиците за помош, но и градејќи ги сопствените капацитети за да може да одговори на комплексни предизвици и да ја заштити државата.

Во овие години, многу стратешки документи беа напишани и усвоени, а кои имаат за цел да го прикажат патоказот и планот за тоа како треба да се развива Армијата, кои капацитети и на каков начин треба да се развиваат за да може, пред сѐ, да се заштитат националните интереси, но се разбира да се позиционираме и на меѓународната воена мапа.

Многу набргу по прогласувањето на независноста на нашата држава во 1991 година се поставија двете стратешки цели: членството во НАТО и членството во Европската Унија. И тие се сѐ уште непроменети.

Овојпат нема да навлезам во детали колку политичките партии се доследни на декларативните заложби кон овие стратешки цели и дали кога станува збор за исполнување на тие заложби повеќе се зборува, а помалку се работи, тоа ќе го оставам за некоја следна пригода затоа што има многу што да се каже.

Со гордост денес може да кажеме дека едната цел е исполнета по обемен процес на промена, трансформација, приспособување, зајакнување, модернизирање, македонската Армија е дел и стои рамо до рамо со сојузничките армии во НАТО Алијансата.

Од празни касарни до набавка на софистицирана опрема и вооружување. Успех кој не е лесен, не е брз, но е остварлив благодарение на професионалниот пристап, посветеноста, знаењето и одлучноста на припадниците на Армијата и вработените во Министерството за одбрана.

Токму нивната одлучност и посветеност дека мора да ја исполниме стратешката цел, а тоа е членството во НАТО, е, всушност, тајната на успехот за нашето членство. Страници испишани стратегии и акциски планови се дел од тој пат, внимателно напишани, но што е најважно и одржливи и исполнети.

Се разбира, секоја стратегија и секој план, за да биде остварен, потребно е да има соодветно и добро испланирано финансирање, ова особено во одбраната. Затоа што системот на одбраната, со сета негова сложеност и испреплетеност со другите општествено-политички процеси во државата, мора да има стабилно и доволно финансирање. За жал, во овие 32 години независност или 31 година Армија не било секогаш така.

Понекогаш буџетите на одбраната „трпеле“ или биле скусувани за да може финансиските средства да бидат насочени за некои други активности, за кои во тој момент се одлучило дека се поголем приоритет.

НОВ ВОЕН МУЗЕЈ

А за една држава не смее да има поголем приоритет од тоа да овозможите одбраната да се зајакнува, да се развива и да биде способна да одговори на современите безбедносни предизвици.

А една Армија, со сите нејзини атрибути, еден одбранбен систем не можат да бидат изградени преку ноќ или за неколку години. Исто како и една држава. И токму затоа е потребно стабилно и издржано финансирање преку кои стратегиите и плановите нема да останат само на хартија, туку ќе бидат навистина имплементирани.

И, всушност, благодарение на тоа стабилно и растечко финансирање во Армијата, денес се реализираат процесите на модернизација, се зајакнуваат човечките капацитети, се унапредуваат процесите и се зацврстува одбранбениот систем на нашата држава.

И покрај тоа што сме членка на Алијансата и сме дел од колективниот систем за безбедност, наш императив не е да бидеме само корисници на придобивките, туку и да придонесеме во него. И токму затоа одбранбениот буџет, кој во континуитет расте, не треба да се гледа како трошење, туку како инвестиција на државата за доброто и заштитата на граѓаните.

И повторно прашањето: каде бевме, каде сме денес? Многу страници се потребни за да се раскажат сите детали од тој пат некогаш и сега и, иако постојат различни авторски дела што го чуваат и го раскажуваат минатото, сепак треба да го направиме следниот чекор.

Во 2006 година, за првпат е формиран Воениот музеј, кој сега се наоѓа во скромни и не толку популаризирани простории, кои се дел од Музејот на Македонија. Но, страниците македонска воена историја што се напишани, сите битки и војни низ кои сме поминале, не можат да бидат претставени во тие скромни простории.

Затоа следен предизвик за Министерството за одбрана е дислокација на поставките, изградба на современ објект, кој ќе биде доволен, и просторно, и амбиентално за да ја раскаже приказната за создавање на македонската Армија, некогаш и сега.

Ова го должиме на сите оние кои на 18 август 1943 година биле на Славеј Планина, на сите оние што биле и во Првата, и во Третата, во Четвртата и во Петтата оперативна зона на НОВ, и на оние што го подготвувале и учествувале на Првото заседание на АСНОМ, и на оние што ја создадоа современата македонска Армија, но и на оние кои далечната 1903-та ја почнаа битката.

На многумина им должиме нивните дела да ги претставиме достојно и да се гордееме со тоа што направивме, сите ние, претходници и наследници.

Затоа што како што државата не се изгради за еден ден, ниту Армијата не се создаде за еден ден. Секој што некогаш бил и поминал низ Армијата и Министерството за одбрана оставил трага и сопствен печат, е можеби помало, можеби поголемо камче во мозаикот, но впрочем во тоа е убавината на мозаикот и тоа го прави посебен.

Нека е вечна македонската Армија.

Поврзани новости