Македонската амбасадорка повикана во бугарското МНР – политичарите да се воздржат од провокативна реторика во предизборната кампања

by Fokus

Македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси-Поповска била повикана на состанок во бугарското Министерство за надворешни работи поради неодамнешните јавни коментари на македонските политичари и лажните изјави од нивна страна за Република Бугарија.

Ова е реакцијата на бугарското Министерство за надворешни работи објавена на нивната веб-страница, со која бара од македонските политичари и од политичките партии во Република Северна Македонија да не ги вклучуваат билатералните односи меѓу двете држави во предизборната реторика.

Оттаму велат дека Бугарија постојано одржува конструктивен тон и се воздржува од коментирање, како што пишува во соопштението, на постојаните провокации во јавниот простор од страна на Северна Македонија.

„Вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Софија беше повикан на состанок во Министерството за надворешни работи во врска со неодамнешните јавни коментари на политичари од соседната земја и лажните изјави од нивна страна за Република Бугарија“, велат од бугарското МНР.

Според соопштението, бугарските власти категорично се противат на обидот Бугарија и заедничките билатерални односи да се вклучат во внатрешната политичка дебата во Република Северна Македонија, вклучително и во контекст на актуелната изборна кампања.

„Бугарија постојано одржува конструктивен тон и се воздржува од коментирање на постојаните провокации во јавниот простор на Северна Македонија. Тоа го прави со разбирање дека е неопходно да се обезбеди конструктивна средина за нормално одвивање на изборниот процес и средина на јавен спокој за да може да се спроведат потребните реформи“, пишува во соопштението.

Бугарското МНР вели дека е очигледно оти таквите напори од бугарска страна не се разбрани и ценети од одредени фактори во Скопје, кои продолжуваат да ја користат Бугарија, како што се вели во соопштението, како изговор за недостиг на напредок пред своите граѓани.

Оттаму ја повикуваат политичката елита во Северна Македонија да ја покаже потребната политичка зрелост и да даде конструктивен придонес во спроведувањето на политичките обврски преземени во рамките на компромисот од 2022 година и строго да го почитува Договорот за добрососедство од 2017 година.

Поврзани новости