Македонска старлета се пофали со клупските забави во Белград, па се врати Ковид-19 позитивна во земјава

by Fokus

Наша позната старлета, модел и своевремено учесничка во популарно реално шоу е позитивна на Ковид-19.

Младата жена по отворањето на границите со соседна Србија, заминала во Белград, а тамошни медиуми пишуваа за нејзината посета на ноќни клубови и објавија фотографии од клубови каде старлетата во друштво на свои пријателки, познати српски модели и старлети, се забавуваше.

Во земјава, одредени медиуми ја објавија веста дека старлетата за време на продолжен викенд била дел од најдобрите забави во Белград, кој го посетила за прв пат по прогласувањето на пандемијата, а и самата таа сподели фотографии од забавите на социјалните мрежи.

-Пациентката во Србија направила Ковид-19 тест, пред влегувањето во земјава, според процедурите кои беа актуелни тогаш. Резултатот беше позитивен. Таа по доаѓањето дома ги контактираше надлежните здравствени органи, самата се пријави, се наоѓа на домашно лекување. Никого од нашата земја не изложила на опасност, бидејќи веднаш по враќањето од Србија е изолирана. Во добра состојба е, ќе и биде направен контролен тест наскоро – за ,,Фокус” изјави д-р Саше Олунчев од Центар за јавно здравје Гевгелија.

-Во нашата општина имаме десет регистрирани случаи на Ковид-19, од кои сега само три се активни. Два од случаите се во Богданци – појаснуваат од центарот.

Во Србија, непосредно пред одржувањето на Парламентарните избори беа разлабавени голем број на мерки за заштита од вирусот. Набргу по одржувањето на изборите, тамошните здравствени власти порачаа дека вирусот повторно се враќа, па изминативе денови повторно беа воведени нови мерки за заштита. Како потенцијален извор на најголем број на позитивни случаи беа наведени ноќните клубови.

Д-р Дарија Кисиќ, заменик директорка на Институтот за јавно здравје изјави дека мерките се зајакнуваат бидејќи најголемиот број на новорегистирирани случаи доаѓа од Белград, а мнозинството на инфицираните престојувале во затворени простории, каде имале контакт со повеќе луѓе.

Во некои општини во Србија веќе се забранија собири и се ограничи работното време на клубовите и кафулињата. Кај нас здравствените власти редовно апелираат да се почитуваат мерките за заштита и да се држи социјална дистанца, со цел превенција на ширење на вирусот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости