Независно од тоа уште колку години овој режим ќе биде на власт, уште колку години ќе ги контролира сите институции и медиуми, уште колку антивладини поединци и организации ќе отидат јабана на различни начини, ехото на аудио записот за случајот „Македонска Банка“ никој и никогаш нема да може да го уништи. Да, Зврлевски ни кажа дека и да било – не важи бидејќи е нелегално снимено, ако важи и е легално снимено – тоа е застарено, ама никогаш не кажа дека разговорот не е автентичен и дека тоа не е гласот на најчесниот и најневин лик на овие простори од Александрово па до денес, со име Никола Груевски.
Во принцип, самата афера „Македонска Банка“ и нема за цел барање на правна одговорност од главниот актер во неа. И врапчињата знаат дека евентуалното дело е застарено а ако продолжиме во стилот на Зврлевски, и да не е застарено, тука е Иванов кој најверојатно веќе го има потпишано документот за евентуална аболиција. Нервозата е затоа што „Македонска Банка“ го руши долгогодишниот пропагандистички труд со кој се изгради митот за строгиот и праведен татко на нацијата. Секако таа пропаганда не е измислица на делохранителите на Груевски и на самиот Груевски. Па така, да се потсетиме на два случаи, еден од подалечното и еден од поблиското минато.
„Пропагандата неуморно го истакнуваше како строг ама праведен татко на семејството, подготвен да се лиши од вообичаените човечки удобности и да деноноќно работи исклучиво за доброто на својот народ. Без оглед на честите критики за неговите потчинети и негативниот имиџ на „малите Хитлери“ – партиски функционери со кои луѓето дневно се сретнувале и од кои често биле незадоволни – самиот Хитлер меѓу масите бил доживуван како некој кој стои по страна од секташките интереси и материјалните обзири, а неговата несебичност делувала како контраст во однос на алчноста и корупцијата на неговите партиски главешини„ (Ian Kershaw, “How Hitler Won Over the German People”, Spiegel, 30.01.2008.)
За да биде чисто, тука говориме само за оној дел од пропагандата со која се глорифицира чесноста на овој татко на нацијата, без никакви алузии за споредба со неговата идеолигија и на оние што ќе следуваат надолу.
Е сега, за да бидам чесен и пред себе и пред Бога, рака на срце ама пред Никола постоеше и еден друг татко на нацијата со име Бранко кој беше чесен и посветен исклучиво на работата за доброто на народот ама беше опкружен со некој си Бузле, некој си Иљче, Свето, Штерјо, па и некој си Кире … ( нека ми простат споменативе а посебно неспоменатите) кои беа лошите момци за чии мангуплуци поима немал главниот. Крајот го знаеме. На крајот беше неважно дали постоеле мангуплуци или луѓето само изигрувале громобрани. На крајот стана сосема неважно дали тој знаел или не знаел. Дали нешто работеле под негова директива и со негова помош или самостојно. Сѐ му беше препишано нему и цената ја плати шефот и секако целата партија.
И конечно денес, актуелниот најнов и најчесен татко на нацијата може да биде наивен уште некое време дека препишаната пропаганда од погорниве ќе го остави вечно на тронот. Знаете, станува дебилно додека се движиме низ Скопје и Македонијава да слушаме низ шепот дека овој хотел, онаа зграда, оваа такси компанија, онаа парцела, онаа банка, оваа нова аквизиција на онаа добра фирма, онаа планина и што ли веќе не, е на некој си Орце, некој си Сашо, некој си Пелистерка со или без кумот, некој си … ( и тука нека ми простат споменатите а посебно неспоменатите).
Не ја бива таа работа. Исто како и погоре во текстот односно порано во историјата, сето тоа на крајот ќе му биде „препишано“ на Никола. Пред објавувањето на аферата „Македонска Банка“ тоа изгледаше невозможно. Денес, можеби царот не е целосно гол, ама е покриен само колку и неговиот Прометеј во Жена парк.
Џабе се тука и уставни промени, Монструм, Центар со или без Шиповиќ, евробврзница, поскапувања, и сѐ друго што ќе го смислат неговите делохранители. Целиот антирежимски блок независно колку ќе се ситни под притисок на се поизразената репресија, поткуп, па и можност за елиминација во секоја смисла, ќе биде насочен кон „Македонска Банка“ и евентуалните нови докази за изгубената невиност.
Како и да е. Јас сум заробеник на вадење на заклучоци од она што се случувало во минатото. Не дека секогаш сум погодувал користејќи го тој метод. Но, најмногу од сѐ сакам да промашам во ова следното. Овој режим влегува во деветата година од своето владење. Кога Милошевиќ влезе во тој тајминг, се случија Чурувија и Стамболиќ. Кај нас не мора да биде така. После следењето на светското првенство јавниот сервис нѐ натера повеќе да паметиме дека треба да правиме деца, отколку кој и како изиграл.
И бидејќи кај нас ништо не е случајно, убаво е да чуеме некоја убава вест, на пример дека како прав татко на нацијата, премиерот дава пример и очекува трето дете. И воедно, тогаш ќе мора да се свести дека тука живеат и многу други деца. Дека и тие сакаат да имаат убаво детство а подоцна и убав живот. А тоа не можеме да им го овозможиме со оставање на хипотеки од секаков вид, при што оние 500 милиони се ништо спрема она што можеме да им го оставиме како хипотека од нематеријален вид.
Затоа, доста е школско другарче. Ѓаволот ја однел шегата. Ќе биде предоцна, независно дали некои тоа ќе го почувстувавем посурово и веднаш, а некои подоцна. И кога не си на власт животот има голема смисла, верувај ми.