Македонките сакаат рамноправност, ама не ги даваат ниту чајанките

by fokus

Како се славеше Осми март, денот на жената и нејзината борба за социјална, политичка и економска рамноправност со мажите во повеќе светски метроплоли, а како кај нас?

Ви ја пренесуваме приказната со неколку фото приказни. Во Романија, на пример, вчера голем број на жени излегле на улиците каде што оставиле цвеќе и картички со имиња на жените кои што биле убиени од нивните партнери. Била напишан и начинот на кој што биле убиени жените, а собирот бил наречен ,,Ако една падне, сите ќе паднеме’’.

Во Косово жените марширале против насилството над жените, а најчестото лого испишано на паролите било ,,Ние маршираме, не славиме’’.

Во Франција жените излегле на улиците со логото ,,Сакаме права, а не цвеќе’’ додека пак во Њу Делхи жените групно презентирале техники на самоодбрана, во случај да бидат нападнати од некој од посилниот пол

Во Украина се марширало за родова еднаквост, а во Аргентина жените додека марширале, тропале на тави и тенџериња.

Во Австралија се марширало за економска еднаквост и ставање на крај на расизмот и насилството над жените, како и за поголеми права на трансродовите лица.

Во Македонија, активистките за Родова еднаквост маршираа со извикување на паролите ,,Не сакаме тава, сакаме права’’ и ,,Не сакаме цвеќе, сакаме плата’’. Стотина активистки го започнаа всојаот марш од плоштадот Карпошово востание и се движеа се до паркот Жена борец. Упатија порака дека го организираат маршот за да ја покажат загриженоста за женските права во земјава. Нееднаквост на плати, висока смртност на новороденчиња, лоша економска состојба и недостигот на сервиси за жртвите на семејно насилство, ги посочија како едни од приоритетните нешта за кои што треба да се борат сите во општеството.

Но, покрај оние малкумината кои што маршираа за женските права кај нас, бројот на жени кои што попрво би заминале на чајанки отколку на марш, беше значително поголем.

Голем дел од македонките, вчерашниот празник го поминаа во кафеана, со богата трпеза и жива музика. Дел од жените заминаа и на екскурзии во регионов, но и на подалечни дестинации, а Фејсбук беше преполн со фотографии од чајанки и пијанки, на кои што расположени славенички позираа со каранфили и вино во рака. Речиси сите ресторани беа исполнети до последно место, а резервациите се правеле и со недели пред празникот.

Вики Клинчарова

 

 

Поврзани новости