Македонка од Швајцарија се вратила во Охрид и наместо да седи дома се прошетала, а потпишала дека ќе се самоизолира. Обвинителството предлага парична казна од 3.000 евра.
ЈО информира дека Основното јавно обвинителство Охрид постапувајќи по поднесената кривична пријава денеска до Основниот суд во Охрид доставиле предлог за издавање на казнен налог за македонска државјанка со живеалиште во Швајцарија. Обвинетата сторила кривично дело „Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“ предвидено и казниво.
-На 9 март годинава, 47- годишната македонка допатувала од Швајцарија – земја со висок ризик на зараза утврдена на листата на Светската здравствена организација, преку граничниот премин Ќафасан. Иако на 18 март дала изјава дека ќе спроведе задолжителна самоизолација на адресата на пријавеното престојувалиште во траење од 14 дена со што ќе ја почитува изречената писмена наредба на министерот за здравство издадена на 16 март и Одлуката за мерки за спречување или сузбивање на опасна заразна болест – коронавирус Ковид 19, не постапила по наведените обврски. Истиот ден обвинетата излегла од престојувалиштето и се упатила во непознат правец со што го сторила делото што и се става на товар, се наведува во соопштението.