Македонија во делириум: Вардар е европски ракометен шампион!

by Fokus

Македонскиот ракометен првак Вардар е нов европски шампион откако во финалето од Ф4 го порази унгарски Веспрем со резултат 27-24, на голема радост на целата македонска спортска јавност.

Вардаровите ракометари го прегазија унгарскиот претставник, кој на моменти му парираше на тимот од Скопје, но сето тоа беше недоволно, а Вардар на Македонија ќе и ја донесе втората европска титула во својата историја.

Ракометарите на Роберто Парондо го надмудрија Веспрем, почнувајќи фуриозно и резултат од 16-11 во првото полувреме.

Разиграните Стоилов, Скубе, Криштопанс го торпедираа голманот Штербик, кој во многу моменти немаше решение за да го сочува својот гол.

Последните минути од мечот донесоа многу возбудувања, но вардарските херои не дозволија Веспрем да им ја украде титулата од раце.

И покрај проблемите во клубот и неисплатените плати, Вардар покажа достоинство и со право повторно застана на тронот на Европа.

Поврзани новости