Вечерва во Торино ќе се одржи втората полуфинална евровизиска вечер, а Андреа Коевска ќе ја претставува Македонија со песната ,,Кругови”. Таа ќе настапи 11-та по ред на 66-то издание на популарната музичка манифестација.
На официјалната страница на Евровизија е објавено интервју со неа, во кое таа раскажува дека добила поддршка од Тамара Тодевска и Калиопи, кои работеле со неа давајќи и совети како да го усоврши својот вокал, како да и пристапи на меѓународната сцена, да го искористи својот потенцијал и едноставно да биде најдобрата личност.
-Јас сум комплетно друга личност откако ја сретнав Калиопи! Таа ми помогна вокално, но исто така ги скрши оние работи кои ме задржуваа да бидам вистинската јас. Се чувствувам многу посмирена, посилна и многу помоќна откако ја сретнав.
Таа ми го промени животот. Многу е важно да имате ментори, без оглед кое е вашето поле – раскажала Андреа во евровизиското интервју.
Со помошта на овие две евровизиски кралици, пишува во интервјуто, таа се чувствува помоќно за настапот во Торино, и покрај притисокот кој изведувачот го чувствува кога настапува на толку голема сцена.
На првата полуфинална вечер која се одржа во вторникот, во финале се пласираа Швајцарија, Ерменија, Исланд, Литванија, Португалија, Норвешка, Грција, Украина, Молдавија и Холандија.
Вечерва за влез во финале, покрај Македонија ќе се борат и Финска, Израел, Србија, Азербејџан, Грузија, Малта, Сан Марино, Австралија, Кипар, Ирска, Естонија, Романија, Полска , Црна Гора, Белгија, Шведска и Чешка.
Финалето ќе се одржи на 14-ти мај, во сабота.
Вик Клинчарова