Македонија три месеци е без влада и парламент, а наскоро и без претседател

by fokus

Македонија, речиси три месеци е обезглавена држава, без влада и без парламент, а по 23 март ќе остане и без претседател ако се реализираат најавите дека шефот на државата Ѓорге Иванов, ќе отпатува во двонеделна посета на Австралија.

Во овој контекст се и очекувањата во текот на оваа недела да се одржи продолжението на конситутивната седница на парламентот која беше прекината во декември лани, а на која би се избрал собраниски спикер, кој според Уставот го заменува претседателот на државата кога тој не е во можност да ја извршува својата функција.

Претседателскиот кабинет денеска беше недостапен за новинарите за да ја потврдиме информацијата дали Иванов ќе оди на далечното патување во посета на македонската дијаспора, откако ја вжешти политичката криза со тоа што одбива да му го додели мандатот за формирање Влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев, иако тој обезбеди 67 потписи.

„Би било добро да се избере претседател на Собранието. Во тој случај претседателот на Собранието ќе го замени шефот на државата доколку е спречен да ја извршува функцијата, за што пак одлучува Уставниот суд, вели професорот Светомир Шкариќ  за „Фокус“ и изразува надеж дека сепак парламентот во текот на наредните денови ќе избере собраниски спикер.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев во петокот најави дека неделава ќе се направи обид за разговор со партиите кои дадоа 67 потписи, како гаранција за добивање мандат за формирање влада.

– Верувам дека ќе се догoвориме ако има разбирање со идните партнери во новата Влада на Македонија. Час поскоро сакам тоа да го договориме и да настапиме на транспарентен начин како што е пропишано во Деловникот во Собранието на Македонија и час поскоро републичкото Собрание да има претседател – рече Заев.

Поврзани новости