Северна Македонија сака да претседава со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во 2023 година, а нејзината кандидатура ќе се разгледува на министерскиот состанок на оваа организација кој се одржува денеска и утре во Тирана, Албанија, која годинава е претседавач.
Кандидатурата е поднесена на предлог на македонското МНР, а со одлука на Владата. Министерот за надворешни работи Бујар Османи во текот на ноември соопшти дека со писмо го известил премиерот на Албанија, Еди Рама, со што и формално нашата кандидатура ќе биде ставена на дневен ред на овој декември состанок на ОБСЕ.
Земјава годинава одбележа 25 години од членството во ОБСЕ и ова е прва кандидатура за претседавање со организацијата.
-Претседавањето со ОБСЕ ќе придонесе кон едно ново, подобро меѓународно позиционирање на Република Северна Македонија како конструктивен актер и придонесувач во промоција на заложбите на ОБСЕ, а индиректно ќе се создаде и можност да се манифестира институционален капацитет кој се очекува од земја членка на НАТО и идна земја членка на ЕУ, истакна тогаш Османи.
На годишниот министерски совет на ОБСЕ во Тирана се очекува земјите членки да постигнат договор за избор на неколку најважни позиции во оваа најголема регионална безбедносна организација.