Додека Субрата Рој останува во затвор бидејќи одби да ги исполни наредбите од Врховниот суд на Индија, членовите од неговото семејство кои се дел од моќните приватни инвестициски компании што ги контролираат сите средства од групацијата, не се веќе индиски државјани, објавува магазинот за финансии Moneylife, додавајќи дека сопругата и синот на Субрата Рој, Свапна и Сушанто Рој побарале македонско државјанство.
„Факт е дека македонското државјанство е едно од најевтините од земјите кои нудат државјанство во замена за инвестиции. Како и да е, фактот дека многу индиски бизнисмени бараат државјанство се поврзува со напорите на Владата да ги лоцира црните пари што се одлеваат надвор. Македонија, слично како Црна Гора, Бугарија, Романија и неколку балкански држави се обидува да привлече странски инвестиции со тоа што нуди државјанство. Податоците од медиумите говорат дека македонско државјанство му се нуди на секој што ќе инвестира најмалку 400.000 евра и што ќе вработи најмалку 10 лица“, пишува Moneylife.
Портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев за веб-порталот Либертас изјавил дека државјанството на сопругата на Субрата Рој е доделено врз основа на член 11 од Законот за државјанство, во кој се вели дека одредено лице може да се стекне со државјанство надвор од регуларните процедури ако тоа преставува особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес. Ѓорѓиев не беше достапен за изјава за Фокус, да објасни за каков интерес станува збор во случајов.
Минатата година македонско државјанство доби и вториот син на Субрата Рој.