Македонија денеска и во наредните неколку денови ќе биде под топлотен бран со температури над 40 степени Целзиусови.
Граѓаните од цела држава треба да ги почитуваат препораките за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, консумирање лесна храна и течности, хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.
Сите заинтересирани граѓани имаат можност да добијат здравствен совет за заштита од високи температури и информации од превентивен карактер на мобилните едукативно-здравствени пунктови поставени во сите градови во државата, секој ден од 18.30 до 21.30 часот, каде се мери крвен притисок и се даваат совети за превенција од топлото време и за здрав начин на живот. На територијата на град Скопје се поставени три мобилни пунктови, од кои еден се наоѓа на пешачката патека кај реката Вардар и по два мобилни пункта ќе циркулираат низ Скопје.
Ова се препораките за заштита на населението од високите летни температури:
1. Во текот на ваквите екстремно топли денови, останете во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
2. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа (светлите бои ја рефлектираат светлината), а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.
3. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.
4. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.
5. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
6. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, потребно е почитување на следните репораки:
1. Задолжително миење на земјоделско-градинарски производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба.
2. Термичка подготовка на храната и нејзино конзумирање во многу кус рок по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на +8 Целзиусови степени степени, а пред употребата истата да се загрее на +100 степени.
3. Да се избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови.