Македонија ќе учествува на популарната музичка манифестација Евровизија 2022, која ќе се одржи во Италија. Веста дека нашата земја ќе има свој претставник ја објавија организаторите на настанот на официјалната страница на ЕБУ.
Вкупно 41 земја ќе настапи на натпреварот кој ќе се одржи во Торино, во мај 2022 година. Од ЕБУ порачаа дека нивните тимови веќе работат на организацијата и се подготвуваат да ги дочекаат делегациите на земјите учеснички, најавуваат спектакл кој се очекува да го следат околу 200 милиони гледачи ширум светот. И додека ЕБУ информира дека Македонија ќе учествува на Евровизија, Јавниот радиодифузен сервис МРТ, се уште нема излезено со информација за јавноста околу најавениот настан.
Последното известување од страна на МРТ во врска со Евросонг е објавата дека е донесена одлука за избор на претставник на Македонија на Јуниорски Евросонг 2021, односно МРТ го избрала бендот од проектот ,,Дајте музика”. Кој ќе не претставува годинава, како ќе се избира претставникот, но и колку средства од буџетот ќе бидат одвоени за учеството на Евровизија 2022, нема официјални податоци.
Според неофицијални податоци од наши извори од јавниот сервис, сумата која се одвојува за учество на Евровизија се движи од 100 илјади евра, па се до околу 120 илјади, а пак за Детската Евровизија е значително пониска, односно околу 20 илјади евра. Македонската Радио-Телевизија, како носител на лиценцата за учество на Евровизија, неколку години наназад го избира претставникот на настанот. За изборот на песната пак, на веб страницата на МРТ се објавуваше јавен повик до сите заинтересирани страни, да понудат свои музички проекти.
Во јавноста чести се реакциите токму по повод начинот на избор на наш претставник, но и песна. Во повеќе наврати наши композитори, но и музичари, апелираа да се промени моделот на избор, односно претставникот да се избира по пат на гласање на публиката, а учесниците-кандидати за Евровизија, да ги изведуваат своите песни на натпревар креиран за таа цел.
На Евровизија 2021 наш претставник беше Васил Гарванлиев. Во Ротердам, Холандија, тој настапи со песната ,,Here I Stand”. Македонија не успеа да се квалификува од првото полуфинале во финалето, завршувајќи 15-та од 16 учесници со 23 поени.
Вики Клинчарова