Гласините дека Македонија нема да учествува на Евровизија 2023 во Ливерпул, но не поради скандалите кои беа традиционални секоја година, туку поради тоа што МРТ нема доволно пари за настанот, сепак се испоставија како вистинити.
Директорот на јавниот сервис, Марјан Цветковски ја потврдил веста за ММС.МК, со образложение дека патувањето во Велика Британија ќе предизвика големи трошоци, и не била платена котизацијата.
Според него, во една скапа земја како Британија, само за патување, визи и престој би требало да платат околу 200.000 евра.
На страницата на националниот сервис се уште не е објавена одлуката дека земјава нема да учествува на музичката манифестација.
Но, на Детска Евровизија веќе е потврдено нашето учество и се избрани претставничките, дуото на Лара Трпчевска, ќерка на пијанистот Симон Трпчевски и Ирина Давидовска. Тие ќе настапат на настанот на 11-ти декември, во Ерменија.
Колку изнесува учеството на Детска Евровизија, од МРТ се немаат јавно и детално огласено.
Во минатото ,,Фокус” на темава разговараше со Раде Спасовски, шеф на нашата делегација на Детска Евровизија. Тогаш тој откри дека поминувале скромно, со околу 20.000 евра.
За Евровизија пак, единствено пред неколку години Анета Андонова, уредничка во МРТ, за ,,Фокус” изјави дека учеството на настанот ги чини помалку од 150.000 евра.
Потенцираше дека останатите земји одат со значително поголем буџет. Колку севкупно пари давала Македонија во минатото за настанот, никогаш не беше транспарентно објавено од страна на МРТ.
,,Фокус” се обиде да стапи во контакт со Мери Попова, шефица на нашата евровизиска делегација, со цел да ги дознаеме деталите за одлуката оваа година да ,,ја прескокнеме” Евровизија, но таа не одговори на нашите телефонски повици.
По случката со нашата евровизиска претставничка Андреа, кога на земја го фрли македонското знаме за време на Евровизија 2022, и по бурните јавни реакции поради нејзиниот гест, Попова во мај соопшти дека се разгледува можност повеќе да не учествуваме на манифестацијата, поради редовните немили ситуации кои се дел од изборот и поради рушењето на угледот на МРТ.
Според изјавата на Цветковски пак, единствена причина поради која нема да учествуваме на Евровизија е лошата финансиска состојба, а не негативните јавни коментари и критики за лоша организација.
Кога МРТ летово го објави извештајот за финансиското работење во периодот од првите три месеци од 2022 година, беше наведено дека има остварено негативен финансиски резултат во износ од 11.149.635 денари.
За негативниот резултат, посочи дека произлегува исклучиво од неисплатените и скратени финансиски средства кои ЈРП МРТ ги добива од Буџетот на РСМ за финансирање на радиодифузна дејност.
Инаку, во во МРТ се вработени 698 лица, а просечната плата изнесувала 36.026 денари.
Вики Клинчарова