Македонија не ги исполнила препораките од ГРЕКО кои се однесуваат на борбата против корупцијата во Собранието, судството и обвинителството. Според организацијата Транспаренси Интернешнл, со спроведени само 3 од 19 препораки, Македонија го има најслабиот извештај на ГРЕКО до сега.
-Вистинската причина за нецелосната имплементација на препораките не е политичката криза, неможноста Собранието на РМ да работи или отсуството на претседателите на одредени институции, туку недостатокот на политичка волја кај Република Македонија и бавноста во завршувањето на преземените обврски. Дел од препораките во Извештајот на ГРЕКО се содржани во истражувањето за Националниот систем за интегритет.
При тоа укажуваме дека институциите треба да преземат одговорност за нивно целосно имплементирање, а истовремено да преземат активности и за спроведување на препораките кои воопшто не се спроведени. ТИ-М поради сето горенаведено уште еднаш ги повикува институциите сериозно да се зафатат со имплементирање на препораките од извештајот на ГРЕКО и потсетува дека и понатаму ќе продолжи да ги следи овие процеси, ќе укажува на недостатоците и ќе ја известува јавноста за тоа – стои во соопштението на Транспаренси Интернешнл.