Македонија не е Швајцарија, изјави министерот Дураки за аерозагадувањето

by fokus

Наспроти критиките на јавноста дека премалку средства од државниот буџет се издвоени за справување со аерозагадувањето, министерот за животна средина со објаснување дека Македонија не е Швајцарија.

-Знате вие дека ние сме Македонија, а не Швајцарија. Сега почнавме, еден чекор е направен и тоа –  изјави министерот Садула Дураки за „Сител“.

На прашање што ќе преземе Владата и зошто дел од мерните станици не работат, тој одговори.

-Работна група ќе каже кои чекори ќе се преземат. Прв пат во Македонија има програма за аерозагадување – додаде тој.

Министерот Дураки не е загрижен за тужбите од граѓани против државата за проблемот со загадувањето. Тој вели дека не се бави со граѓаните и дека тие можат да тужат.

Во меѓу време мерните станици во најзагадените општини се уште се во дефект. Не се знае колкава е концентрацијата на ПМ10 честици во Гази Баба и Аеродром. Останатите мерни станици покажуваат високи концетранции на канцерогените честички, особено во вечерните часови.

Според генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ земјите од западен Балкан се многу далеку од стандардите на ЕУ за заштита на животната средина.

-За жал ниту една од државите не вложува доволно пари, особено кога е во прашање заштита од емисија на штетни гасови. Зборувам за пари бидејки ги нема, но тоа не смее да биде изговор или извинување за да не се направи и тоа што се може. Треба да се зголеми нивото на енергетска ефикасност, да се поместат стандардите кога е во прашање загадувањето од автомобилите и нешто од што бегаат сите во регионот, термоелектраните. Мора да бидеме похрабри и да тргнеме во процес на трансформација на термоелектраните  кои ќе станат електрани на гас или биомаса. Владите треба да бидат храбри и да донесат соодветни одлуки – истакна Свилановиќ.

Поврзани новости