Поради низа пропусти на претходната Влада, Македонија може да го изгуби Супер купот, односно да не се одигра мечот Реал Мадрит- Манчестер Јунајтед, бидејќи Стадионот „Телеком Арена“ не е подготвен според стандардите на УЕФА.
Ова беше соопштено на вчерашната Владина седница, поради што Владата го задолжи Генералниот секретаријат, да ги преземе сите потребни мерки во рок од три дена и да се најде начин за одржување на УЕФА Суперкупот. Тим на УЕФА ќе дојде во Скопје на 21 јули да ги провери условите.
Од Генералниот секретаријат на Владата информираат дека во 14 часот ќе имаат прес конференција, на која ќе образложат кои се недостатоците кои набрзо мора да бидат отстранети. Обврските за подготовка на Арената е во надлежност на АД за стопанисување со станбен и деловен простор.
„Фокус“ се обиде да стапи во контакт со директорот на Цветко Грозданов, но неговата секретарка ни посочи дека е излезен. Тој неодамна ја убедуваше јавноста дека Арената е подготвена да ги пречека двата светски фудбалски тима.
Одговори се обидовме да добиеме и од фирмата Виа Инженеринг од Вевчани, кои го добија тендерот за дотерувањето на Арената, но оттаму ни посочија дека одговорните не се во канцеларија и нема да се врата во текот на денот.
„Фокус“ пред неколку дена пишуваше дека за дотерување на Арената за Супер купот, од септември лани, па се до сега, се потрошени над 2,4 милиони евра.
Тендерот, тежок над 2,1 милион евра беше склучен лани во септември, а според податоците објавени на сајтот на Бирото за јавни набавки, ПУИГ ја избрало фирмата ВИА ИНЖИНЕРИНГ ДОО увоз-извоз од Вевчани, која треба да ги заврши предвидените градежни, градежно занатски и инсталатерски работи.
На тендерот учествувале 6 компании, а иако како услов е наведено дека ќе се избира според најниската добиена понуда, сепак е избрана малку поскапа, бидејќи најниската понуда била 1,8 милиони евра, а е избрана понуда од 2,1 милиони евра. Дополнително, оваа фирма доби уште 300.000 евра, кои беа оправдани со склучувања на два анекс договори, без објавување на оглас.
Дека на Арената и е потребно дотерување било одлучено на Сто и единаесетата седница на Влада, одржана на 13.10.2015 година, а на седица одржана по еден месец донеле заклучоци. Но според информациите од Владата, покрај останатите неисполнети технички услови, се заглавило и со „дотерувањето“ на Арената.
Инаку од средината на јуни требаше да започне продажбата на билетите за најголемиот спектакл во Скопје „УЕФА Суперкупот“, кој требаше да се одигра на 8 август на Арената „Филип Втори“. Цената на билетите се движи од 15 евра до 38 евра.
Според правилата 10% од капацитетот на Арената „Филип Втори“ (33.400 седишта) ќе биде намален поради безбедноста на ВИП ложите и местата предвидени за новинарите. За македонската јавност поточно сите оние кои што ќе сакаат да го проследат дуелот меѓу победниците од Лигата на шампиони и Лигата на Европа ќе бидат на располагање околу 20.000 билети.
Валентина Вурмо