„Македонија лек“ се извинува за грешката и смирува: Сите вакцини се безбедни

by fokus

Од компанијата „Македонија лек“, која е увозник и дистрибутер на МРП вакцините, ја информираат јавноста дека по информациите кои се појавиле за можно присуство на вакцини со истечен рок, извршиле внатрешна контрола за да ги проверат наводите.

„По информациите кои се појавија во јавноста за можно присуство на вакцини со истечен рок, нашата компанија „Македонија лек“, која е увозник и дистрибутер на МРП вакцините, изврши внатрешна контрола за да ги провери овие наводи. Контролата покажа дека сите МРП вакцини од марката „Priorix“, кои нашата компанија ги дистрибуира, се со важечки рок и сигурни за користење. На вакциналните пунктови има дистрибуирано вакцини од две серии, едната со важност до мај 2019 година, а другата до јули 2019. При контролата, откриена е помала техничка грешка која вработените ја направиле при аплицирање на декларациите. Имено, кај мал дел од пакувањата се аплицирани старите декларации со датумот од претходниот увоз, односно октомври 2018. Нашата компанија се извинува за овој пропуст и непријатностите кои биле предизвикани. Овие пакувања се веднаш повлечени како не би правеле понатамошни забуни во јавноста и соодветно ќе бидат заменети. Граѓаните може да бидат сигурни дека сите вакцини се со врвен квалитет и важечки рок“, соопштија од компанијата.

Од таму додаваат дека оваа вакцина ја увезуваат од 2016 година и истата во континуитет, посочуваат, непрекинато се испорачува до здравствените установи со стандарден квалитет.

Поврзани новости