Текстот е објавен на 9-ти декември 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 858
Пишувала
Адријана ГЕОРГИЕВ
Коронарната артериска болест и белодробниот карцином одземаат најмногу човечки животи во современиот свет. И Македонија не е далеку од светските статистики. После кардиоваскуларните болести, најчесто заболување кај мажите е токму ракот на бели дробови.
Сепак, наспроти трендот на намалување на бројот на починати од срцеви болести, што започна некаде на почетокот на деведесеттите години, пред сѐ поради активностите околу превенцијата на овој тип болести и нивното рано откривање, смртноста од белодробниот карцином е во постојан пораст. Во Македонија бројот на болни од оваа болест секоја година рапидно се зголемува.
Загрижува тоа што многу мал број од болните навреме се откриваат, што пак е предуслов за успешно лекување. Кај нас, за жал, половина од пациентите болни од рак на бели дробови остануваат неоткриени.
Ако во Европа од овој карцином заболуваат 88 на 100.000 мажи, тоа значи дека во Македонија со 2,1 милиони жители, би требало до има најмалку 1.700 новооткриени случаи годишно. По сите светски статистики, 50 отсто од болните треба да се третираат хируршки. Ова, според лекарите сугерира дека во земјава би требало да се оперираат барем 800 карциноми на бели дробови годишно. Како пример лекарите ја посочуваат Словенија, во која со 1,8 милиони жители се оперираат 850 белодробни карциноми годишно.
Кај нас годишно се откриваат околу 800, а се оперираат одвај 150! Сето ова покажува дека државата нема увид, ниту стратегија како да се бори со белодробниот карцином, кој од година во година зема се повеќе животи. Испаѓа дека заложбите за борба против ракот се само декларативни. Тоа што и покрај сѐ бројот на починати расте, јасно ја покажува немоќта на државата да се справи со опасната болест.
ЗАДОЦНЕТА ДИЈАГНОСТИКА
Според лекарите, во Македонија годишно се откриваат околу 800 случаи на белодробен карцином. Од нив само 10 до 15 отсто се оперираат и тоа во најголем дел, околу 90 отсто, се третираат на Клиниката за Торакална хирургија.
Најголем проблем за овој карцином е што тој се открива доцна, што и лекувањето и излекувањето го прави потешко. Според лекарите, овој карцином и во светски рамки е тешко да се открие на време, но кај нас ситуацијата е далеку полоша кога е во прашање раното откривање
– На Клиниката за торакална хирургија имаме само околу 10 до 15 отсто пациенти кои можат да се оперираат. Во западниот свет, за разлика од кај нас, во моментот на откривање околу 50 отсто од случаите се операбилни. Од тој мал процент на болни кои ги оперираме тука, најголем дел се исклучително тешки случаи за операција и болните имаат локално напредната болест. Во светот ситуацијата е различна. Таму болните кои се оперираат не се во толку напреден стадиум на болеста – велат хирурзите.
Причината поради која болеста се открива во доцна фаза лекарите ја гледаат во лошата здравствена свест, но и во недоволната едукација. Примарна медицина, велат, не обрнува доволно внимание на оваа патологија и не е доволно спремна и организирана. Од друга страна, лекарите признаваат дека и терцијарна дијагностика е екстремно спора кога станува збор за оваа болест. Пациентите поминуваат многу време низ клиниките додека да го добијат потребниот третман.
– Во другите земји, проблемот со навремено откривање на белодробниот карцином се решава со максимална спремност, ажурност, организација, брзина на дијагностика на секој сегмент, почнувајќи од матичниот лекар па се до хирургот. Во дел од земјите, систематските прегледи вклучуваат и ПЕТ-скен за лицата постари од 40 години. Ова е скапа постапка и чини најмалку 300 евра по пациент, но има фирми кои можат да си ги дозволат овие прегледи за вработените – велат хирурзите.
Сумата од 300 евра за дијагностика секако е превисока, но лекувањето на болните чини многу повеќе. Па така за операција на болен од рак на бели дробови се трошат околу 2.000 до 3.000 евра. Претходна дијагностика чини околу 500 евра. Тука е и зрачењето, кое не чини помалку од 3.000 евра и секако хемотерапија, која во зависност од лековите, може да достигне и до неколку илјади евра. Проблем кај нас е и тоа што не сета најсовремена терапија им е достапна на пациентите.
Инаку, стапката на успешност на третманот на белодробниот карцином зависи од тоа во кој стадиум е откриен. Доколку се открие во почетен стадиум, а се оперира и се третира со хемотерапија, преживувањето во наредните пет години во западните земји е до 70 отсто. Во земјава, иако ретко се откриваат карциномите во таа фаза, преживувањето кај тие болни во период од пет години е од 60 до 70 отсто.
На прашањето каде е Македонија во однос на земјите од Европа во поглед на откривањето и лекувањето на белодробниот карцином, лекарите велат дека сериозно заостануваме во многу сегменти.
– Во поглед на откривањето е многу лошо, бидејќи се откриваат половина од потребниот т.е. од вистинскиот број на болни. Во однос на тоа кои од нив се операбилни при откривањето, статистиките се исто така многу лоши. Операбилни се 15 наместо 50 отсто од болните. Но, во однос на лекувањето, т.е. хирургијата и хемотерапијата, стоиме прилично добро и одиме во чекор со западните земји. Или, ако сакате сумирано, се откриваат 800 наместо реалните околу 1.600 болни, а операбилни се само 15 од потребните 50 отсто – велат хирурзите.
Операбилноста на пациентот зависи и од екстензивноста на болеста, општата состојба, непосредниот ризик од операцијата и респираторните резерви.
БОЛЕСТА Е ПОЧЕСТА КАЈ МАЖИТЕ
Карциномот на бели дробови може да открие со стандардна радиографија. Во овој случај, се појавува туморска сенка, што упатува на можноста дека се работи за карцином. Исто така, болеста се открива доколку се влошат постоечките клинички симптоми на веќе познато белодробно заболување. Интересно е што овој тип карцином се јавува многу почесто кај мажи и тоа во секое животно доба, но најчест е во шестата и седмата декада.
– Кај повеќе од 90 отсто од пациентите клиничките симптоми и знаци на болеста се резултат на локални, регионални, метастатски или системски манифестации на карциномот. Мора да се потенцира дека белодробниот карцином е карцином со најголема смртност. Најголемиот ризик фактор за развојот на оваа болест е пушењето, на кој отпаѓаат девет од десет заболени. Пушачите имаат дури 25 пати поголем ризик од појава на рак на белите дробови, а тој се зголемува со бројот на дневно испушените цигари и пушачкиот стаж – велат лекарите.
Втората причина по пушењето која предизвикува белодробен карцином е зрачењето со радон. Најчести симптоми кои се јавуваат кај болните се болка во градите, долготрајна кашлица, засипнатост, искашлување крв, недостаток на апетит и слабеење.
Она што загрижува е фактот што бројот на болни сѐ повеќе се зголемува од година в година. Ако во 1995 година биле регистрирани вкупно 685 заболени од рак на бели дробови, во 2005 година таа бројка изнесува околу 884 случаи. Рекордна е 2007 година кога бројот на заболени се искачува на 922 новооткриени болни. Според лекарите, ракот на бели дробови, како и останатите типови на карциноми, во последните две декади доживуваат вистинска експанзија.
Во светот, пак, повеќе од 1,3 милиони случаи на белодробен карцином се дијагностицираат секоја година, а секоја триесетта секунда умира по еден човек заболен од рак на бели дроб. Според Светската здравствена организација, во 2006 година само во Европа ова болест одзела 334.800 животи.
Генерално, карциномите во светот се втора најголема причина за смрт во развиените земји. Проценето е дека бројот на смртни случаи во периодот од 2007 до 2030 година ќе се зголеми од 7.9 на 11,5 милиони. Речиси 70 отсто од сите смртни случаи од рак се во земјите со низок и среден приход.
Поразителни статистики
РАКОТ ОДЗЕМА СЀ ПОВЕЌЕ ЖИВОТИ ВО МАКЕДОНИЈА
Во земјава 18 отсто од сите смртни случаи се последица токму на карциномите. Во 2007 година од рак починале 3.524 лица. Овој број значително е зголемен во однос на 2001 година, кога од рак починале околу 3.000 луѓе.
Најчест карцином кај мажите е токму ракот на бели дробови, по што следува ракот на желудник, на кожа и ракот на простата. Кај жените најчест е карциномот на дојка. Она што загрижува е што бројот на починати од рак во земјава од година на година сѐ повеќе се зголемува и покрај сѐ посовремените начини на дијагностика и лекување кои се применуваат во светот.