Македонија и Грција денеска во Скопје ја одржаа седмата рунда на консултации во врска со мерките за градење доверба.
-Состанокот претставуваше продолжение на пријателскиот и конструктивен дијалог за различни области од заеднички интерес, во поддршка на напорите на Владите во создавањето на позитивна политичка клима во билатералните односи меѓу двете земји, соопшти Министерството за надворешни работи на Македонија.
Свој придонес во дискусијата дале и експерти од соодветните национални институции.
Усогласените области на соработка вклучуваат проекти за поврзување, полициската соработка, европските програми, културата, образованието, цивилната заштита, јавната администрација, здравството, соработката меѓу дипломатските академии, како и реализацијата на бизнис иницијативи. Соработката беше иницирана и во областа на сеизмологијата, а беше парафиран и Меморандум за разбирање за соработка на полето на цивилната заштита. Следниот состанок ќе биде одржан во Атина.