Владата на Република Македонија на денешната редовна 63. седница ја разгледа и усвои Информацијата во врска со потпишување Меморандум за разбирање меѓу Министерството за економија на Република Македонија и Министерството за енергетика на Република Бугарија во областа на енергетиката, за спојување на ден-однапред пазарите на електрична енергија, и го прифати усогласениот текст на овој меморандум.
-Една од целите на оваа иницијатива е нашата земја да се приклучи на внатрешниот пазар на електрична енергија во југоисточна Европа, со цел на учесниците на пазарот да им се понудат нови деловни можности и прекугранична трговија за постигнување на ефикасност, конкурентни цени и повисоки стандарди за услуги, се вели во владиното соопштение.
На седницата е констатирано дека овој меморандум, кој овозможува поволни околности, е резултат на либерализацијата што се обезбедува со новите законски решенија за енергетика, како и на поволната клима на пријателство и меѓусебна поддршка која произлегува од Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Република Македонија и Република Бугарија.