„Македонија и Бугарија да ги решат прашањата за да можеме да ги отвориме преговорите“

by fokus

Најмногу сакаме да бидеме корисни и да направиме сè што ќе помогне да се подобри состојбата со цел да се придвижат позициите, да се постигне договор и да се отворат преговорите за Северна Македонија. Доколку ова е можно во време на француското претседателство, тогаш сето тоа ние и ќе го направиме, изјави амбасадорот на Франција во земјава, Сирил Бомгартнер на денешната прес-конференција на којашто ги претстави програмата и приоритетите на француското претседателство со Советот на Европската Унија.

Евроамбасадорот Дејвид Гир, надополнувајќи се на изјавата од Бомгартнер додаде дека ништо не е променето и оти односите со Западен Балкан и Северна Македонија остануваат во иста рамка за стабилизација и асоцијација.

Во однос на црвените линии во преговорите со Бугарија, Гир посочи дека Северна Македонија направи сè што е неопходно ги исполни сите услови за отворање на преговорите.

– Ги охрабруваме и Северна Македонија и Бугарија да продолжат со преговорите за да се решат нивните заемни прашања за да можеме да ги отвориме преговорите за членство. Во однос на различните декларации во двете собранија ќе ви кажам дека тоа е билатерално прашање од кое се засегнати двете држави. Охрабрувањето го гледам и низ посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на Северна Македонија, додаде тој.

Говорејќи за договорот со Фронтекс францускиот амбасадор истакна дека со постигнување договор меѓу Софија и Скопје, ќе се овозможи и деблокада на ова прашање, односно со усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција ќе се разреши и тој договор.

Што се однесува до улогата што Франција може да ја одигра во преговорите меѓу Скопје и Софија, тој вели дека не е прашањето дали, туку како можат да бидат корисни со цел да го поддржат процесот што е во тек.

– Денес прашањето за посредништво не е на маса од повеќе причини, бидејќи не е потребно посредништво и не треба трета страна, бидејќи двете страни треба да се договорат за воспоставување на дијалог бидејќи единствено нешто што посакуваме е колку што можеме да бидеме корисни за да можат да се испорачаат резултати за оваа важна земја, додава францускиот амбасадор.

Во однос на одвојување на пакетот Северна Македонија – Албанија за време на преговарачкиот процес, Бомгартнер истакна дека не станува збор за француски став и оти тоа е објективен и правен став.

– Правно нема тесна врска меѓу двете земји, но од друга страна ќе кажам дека има политичка одлука и дебата што беше во рамки на Советот и кога се случија тие дебати, заклучокот беше јасен. Во моменталните услови не се препорачува раздвојување, туку приоритет е да се обединат сите корисни напори за да се деблокира состојбата во спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија и со тоа да се отвори патот за почеток на преговорите и за двете држави, вели Бомгартнер.

Поврзани новости