Според скрининг агендата, почнувајќи од денес па сè до 20-ти јули, во Брисел, македонската делегација, заедно со албанската, ќе го следи објаснувачкиот скрининг за Кластер 5, „Ресурси, земјоделство и кохезија“, информираше Секретаријатот за европски прашања.
Од СЕП велат дека се работи за многу важен и обемен кластер кој регулира 5 поглавја поврзани со економскиот развој на земјата како што се: земјоделство и рурален развој, безбедност на храната, ветерина и фитосанитарна политика, рибарство, регионална политика и координација на структурните инструменти, како и финансиските и буџетски одредби.
„ Во текот на овие четири дена од објаснувачкиот скрининг за Кластер 5, експерти на Европската комисија ќе ги презентираат пред делегациите на Северна Македонија и Албанија новите директиви и регулативи од легислативата на ЕУ донесени по 2018 година, а нашата делегација треба да ја посочи временската рамка, во која се очекува земјата да ја усвои и вметне новата легислатива во националното законодавство“, соопшти СЕП.
Од Секретаријатот објаснуваат дека Македонија досега го заврши билатералниот и објаснувачки скрининг за 4 Кластери, или вкупно 26 Поглавја и 3 области.
„Останува до ноември оваа година да го комплетираме и билатералниот скрининг за последните два Кластери, односно да завршат скрининг состаноците и за преостанатите 7 поглавја Кластерите ‘Ресурси, земјоделство и кохезија’ и ‘Надворешни односи’“, велат од СЕП.