Претседателот Ѓорге Иванов денеска оствари средба со неговиот албански колега Бујар Нишани, на која заклучија дека и двете земји имаат цел да бидат дел од Европската унија и токму таа иднина ги обединува. Двајцата претседатели порачаа дека со поинтензивна соработка на сите полиња, вклучително и економското, ќе се обезбеди европска иднина и подобар стандард за граѓаните.
Македонскиот претседател побара поддршка од Албанија за членството на Македонија во НАТО, бидејќи, како што рече Иванов, Грција на нелегален начин ја блокирала нашата земја.
-И Македонија и Албанија заедно тргнаа кон НАТО, но Македонија беше блокирана и тоа, според одлуката на Меѓународниот суд во Хаг, на нелегален начин. Нашиот јужен сосед ја блокира интеграцијата во НАТО, а истото сега го прави и нашиот пат кон ЕУ. Затоа ја очекуваме албанската поддршка и помош за Македонија да го добие она што го заслужува – да биде членка на НАТО, истакна Иванов.
Албанскиот претседател гарантираше дека албанските институции ќе продолжат да работат за да ги понудат сите права коишто им припаѓаат на сите малцинства, вклучувајќи го и македонското, во согласност со меѓународните стандарди коишто се прифатени со меѓународните конвенции.