Избраниците на македонскиот селектор Благоја Милевски одиграа нерешено 1-1 на пријателскиот меч против селекцијата на Молдавија во турскиот град Анталија.
Иако „рисовите“ беа фаворити на овој дуел, сепак не успеаја да ја скршат традицијата на играње реми дуели со Молдавците.
Македонската фудбалска репрезентација го започна мечот со најсилниот состав. Нашите фудбалери ја имаа доминацијата, но во првиот дел не создадоа премногу шанси пред противничкиот гол.
На истекот на регуларните 45 минути, голгетерот Миовски најдобро се снајде во противничкиот шеснаесетник, па го собра отпадокот по шутот на Барди и ја смести топката во голот на Молдавците за предност за Македонија по првото полувреме.
Во вториот дел слична слика на теренот. Македонија имаше повеќе удари кон противничкиот гол, но по најубавиот потег на мечот, Молдавците стигнаа до погодок.
Се играше 82 минута кога Витали Дамашкин постигна преубав гол од 15-тина метри. Со атрактивни ножички го совлада Димитриевски за израмнување на 1-1, што подоцна се покажа како конечен резултат на мечот.
На „рисовите“ сега им претстои пријателски дуел и против Црна Гора за заокружување на терминот предвиден за репрезентативни обврски.