Македонската фудбалска репрезентација ќе игра против Германија, Романија, Исланд, Ерменија и Лихтенштајн во Ј-квалификациската група за пласман на Светското првенство 2022 во Катар.
Ова е епилогот од вечерашната жрепка во седиштето на ФИФА во Цирих на која беа одредени десетте групи од европските квалификации за Мундијалот во 2022 година.
Од петте репрезентации во групата Ј, македонската фудбалска репрезентација досега никогаш нема играно eдинствено против Германија.
Директен пласман на завршниот турнир ќе обезбедат само победниците во групите, додека десетте второпласирани репрезентации, заедно со уште две преку УЕФА Лигата на нации, ќе играат плејоф за преостанатите три места резервирани за членките на УЕФА на СП во Катар.
Европските мундијалски квалификации ќе се играат од март до декември 2021 година, додека плејофот од 23 до 29 март 2022 година.
Светското првенство во Катар ќе се одржи од 21 ноември до 18 декември 2022 година во пет градови, Доха, Лусаил, Ал Кор, Ал Вакра и Ал Рајан.