Во државата над 30 проценти од населението се смета за сиромашно. Овие граѓани едвај врзуваат ден со ден, а државата никако да најде начин да им помогне
Пред неколку месеци, „Фокус“ посети пет македонски семејства што живеат во голема немаштија. Со скромна помош се обидовме барем неколку дена да им овозможиме да бидат безгрижни, но тоа е само краткотрајно решение за нивниот горчлив проблем. Она што е уште позастрашувачко е што тие се само капка во морето, бидејќи на истиот начин, во Македонија живеат уште 30 проценти од населението. Живеат, поточно преживуваат, од ден за ден, губејќи ја надежта за подобро утре.
Според Уставот, Македонија е социјална држава, но ова се чини дека е само на хартија, бидејќи во пракса нашата држава е земја на социјална неправда. Системот на социјална заштита е нефункционален, а социјално загрозените граѓани со тоа што го добиваат од државата, не можат да ги задоволат ниту основните потреби. Колку за илустрација, едно четиричлено социјално загрозено семејство прима околу 5.000 денари месечно и со тие пари треба да ги покријат сите свои месечни потреби. Од храна, облека до сметки за струја, вода. Иако овие средства не се доволни само за да се обезбеди храна, по две години добивање на оваа парична помош, таа се намалува, па одреден период и се преполовува. Па, затоа, со децении вересијата и питачењето им се единствената стратегија како да се преживее месецот. Тоа го докажало и неодамнешното истражување на Институтот за европска политика, од каде што истакнуваат дека лицата на кои им е неопходно да користат социјална помош и кои се во социјален ризик, одговориле дека се соочуваат со голем број проблеми во секојдневното живеење во однос на своите егзистенцијални потреби. Испитаниците истакнале дека не можат да си обезбедат храна, бебешки производи, облека, средства за хигиена, греење, транспорт, како и други потреби.
За да ги надминат овие егзистенцијални проблеми, тие на различни начини се снаоѓале за да го поминат месецот.
Купувањето прехранбен производ за неколку дена, штедењето лекарства, одложувањето на добивањето медицински услуги до прогресирање на болеста, соочувањето со заостанати долгови и купување храна „на пишување“, проблеми со плаќањето на сметките, соочување со извршители, а дел се снаоѓале барајќи помош од семејствата, барале заеми, примале пари на туѓа сметка или чистеле по домови.
И според економскиот истражувач и член на Левичарското движење „Солидарност“, Бранимир Јовановиќ, Македонија не е социјална држава, иако се декларира како таква.
– Социјалната заштита е ниска. Но, не само што е лоша, таа е и лошо таргетирана. Таа изнесува 5.200 денари, што значи тоа е по 40 денари на ден по човек, нагласи Јовановиќ.
Тој прави и споредба на износот на социјалната помош во однос на БДП со европски и светски примери. Според податоците, тој изнесува 2,5% во Македонија, 7 % во Словенија, 9% во Англија, 5% во САД, а 11% во Шведска. Македонија, како што истакна Јовановиќ, е на нивото на некои латиноамерикански земји, кај кои, пак, социјалната помош бележела пораст, додека во Македонија тоа не е случај.
Секоја држава, освен за намалување на невработеноста, мора да се грижи и за невработените. Ова, за жал, не им успева на голем број, но има и такви држави кои имаат начин како да ја заштитат оваа категорија граѓани.
Естонија е една од нив. Со население од само 1,5 милион жители, оваа балтичка држава нема многу голем буџет за социјална помош, но, сепак, наоѓа начини како животот да го направи полесен. Така, за разлика од многу држави, тука граѓаните голем дел од работите можат да ги завршат онлајн, со што заштедуваат на административни трошоци. За невработените е обезбеден паушал од 4 евра на ден. Естонија е особено дарежлива во однос на породилното отсуство, односно ваквиот надомест се исплаќа за 435 дена. И тоа во висина на просечниот месечен приход на двајцата родители за претходната година. Исто така, родителите имаат право да отсуствуваат од работа за да се грижат за своите деца додека не наполнат три години.
Франција важи за една од најдарежливите европски држави кога е во прашање надоместокот за невработени. Во просек тој изнесува околу 65 проценти од платата на вработените. За да имаат право на ваков надомест, невработените мораат да се регистрирани како невработени и активно да бараат работа. Месечната социјална помош е во висина од 514 евра месечно, додека пар со две деца добива 1.079 евра.
Франција обезбедува и детски додаток за две или повеќе деца на возраст под 20 години. Родителите добиваат паушал од 129 евра месечно за две деца, а 461 евро за четири деца.
За да се квалификувате како невработен во Ирска мора да бидете на возраст под 66 години, да сте евидентирани во системот и да сте способни за работа. Невработените во оваа држава добиваат 188 евра неделно, со дополнителен надомест за оние кои имаат деца.
Висината на надоместокот за невработените во Италија се пресметува како процент од бруто приходите заработени од страна на работникот во текот на двете претходни години. Парична помош е предвидена и за тие што воопшто немаат работно искуство, а и тие што ја изгубиле работата поради технолошки вишок.
Сторијата е изработена во рамки на проектот „Помош за социјално ранливи групи“ поддржан од фондацијата „Отворено општетсво Македонија“