Македонија е дел од земјите која не им кажува на граѓаните како ги троши јавните пари

by Фокус

Македонија е во последната категорија на земји според транспарентност на националниот буџет, според истражувањето Отворен Буџет 2015 на Меѓународното Буџетско Партнерство, односно дел од земјите кои не им кажуваат на своите граѓани како и за што ги трошат јавните пари.  Ова е петти извештај од ваков вид, кое е единственото независно, компаративно истражување во светот за: буџетска транспарентност, учество на граѓаните и независност на институциите за надзор на буџетскиот процес.

-Истражувањето 2015 утврди дека Македонија е меѓу последните 30 земји во светот според Индексот на Отворен Буџет, или ОБИ, кој користи меѓународно признати критериуми за да даде оценка за транспарентноста на секоја земја на скала до 100 поени. Резултатот на ОБИ од 35 за Р. Македонија значи дека граѓаните имаат малку или воопшто немаат пристап до буџетските информации за да го разберат буџетот и да бараат отчетност од владата. Ова е важно, бидејќи буџетите се главната алатка која владите ја користат за да креираат политики за прибирање и трошење на јавните средства, со кои се промовира развојот и се задоволуваат потребите на луѓето во таа земјата. Постои итна потреба Владата да го направи буџетскиот процес потранспарентен, да ја вклучи јавноста во истиот и да го подобри надзорот над буџетските активности, изјави Марјан Николов, Претседател на Центарот за економски анализи (ЦЕА) од Скопје, која го спроведе истражувањето во Р. Македонија.

Според Николов, негативниот резултат Македонија може да го подобри доколку  воспостави кредибилни и ефективни механизми за партиципација на јавноста во буџетскиот процес, воспостави специјализирана буџетска канцеларија за законодавството,  овозможи законодавството секогаш да биде консултирано пред трошењето на кој било непредвиден приход или при трошењето на фондовите кои не биле идентификувани во донесениот буџет.

-Унапредување на транспарентноста, учеството и надзорот речиси секогаш се сведуваат на степенот на политичка волја. Потенцијалната закана од недостатокот на силен систем на отчетност во Македонија претставува пречка за да ги постигнеме нашите цели за развој што е од суштинска важност, вели Николов.

Тој додава дека Владата треба да ги преземе следниве главни чекори за брзо подобрување на транспарентноста во нашата држава:  Да се подготви и објави Граѓански буџет и Пред-буџетска изјава, да се објави Полугодишен извештај и да се подобри опфатот на Предлог буџетот со гласно добрите практики,  да се воспостават кредибилни и ефективни механизми (јавни дебати, анкети, фокус групи итн.) за партиципација на јавноста во буџетскиот процес, како и се воспостави специјализирана буџетска канцеларија за законодавството.

Поврзани новости