На 26-ти април во хотел „Амор“ во Кочани за првпат ќе се одржи забавната манифестација „Фолк вечер на популарноста” на која ќе настапат голем број на познати музички имиња од фолк сцената.
Како што појаснува за „Фокус” Иванчо Митев, кој е организатор на настанот, истиот ќе се емитува на Алфа телевизија и на Балкан Мјузик ТВ, и предвидено е да стане традиционален.
-Успеавме да организираме една интересна манифестација посветена на нашата фолк музика, а одзивот на популарните музички имиња е изненадувачки. Во земјава недостигаат вакви настани, каде ќе се промовира македонската народна музика, и токму поради тоа ветуваме дека оваа манифестација ќе стане традиционална и ќе се одржува секоја година во април – вели Митев.
Додава дека фолк пејачот Благоја Грујовски е уметнички директор на настанот, и исто така ќе биде водител, заедно со Ирена Спировска.
Фолк музичари кои ќе настапат на првото издание на манифестацијата се Сузана Спасовска, Ленче и Горан Кукиќ, Сузана Гавазова, Јордан Митев, Наум Петрески, Анета Молика, Стојне Николова…
-Учесниците ќе добијат статуети, како оддавање на признание и почит за нивното творештво. Ветуваме одлично музичко шоу – изјави организаторот.
И во Кочани најавата на настанот помина со многу позитивни коментари.
На страниците посветени на општината, граѓаните велат дека на градот му недостигала ваква манифестација, која ќе донесе гости од цела земја, и за која се надеваат дека ќе стане препознатлив симбол на Кочани.
Вики Клинчарова