Македонија заедно со Турција, Бразил, Бангладеш и Бурунди е држава каде е забележан најголем пад во слободата на изразување во изминатите 10 години, покажува студијата која ја мери слободата на медиумите во 172 земји спроведена од Групата „Артикал 19“ во соработка со политичката и социјална дата база „V-Dem”.
Оценката е дека слободата на медиумите на глобално ниво се наоѓа на најниско ниво во изминатите 10 години. Според клучните сознанија во извештајот, само во 2016 година во светот биле убиени 79 новинари, а 259 биле затворени.
Цензурата на интернет станала многу изразена од 2006 година при што се наведува дека е зголемена употребата на алгоритми за отстранување на легални и нелегални содржини со мала транспарентност врз процесот или земање предвид на човековите права.
– По првпат имаме комплексен и целосен поглед на состојбата на слободата на изразување и информирање во светот. За жал, нашите согледувања покажуваат дека слободата на изразување е на удар како во демократиите, така и кај авторитарните режими, вели извршниот директор на „Артикл 19“ Томас Хаџис.
Меѓу заклучоците на студиајта се наведува и дека голем дел од онлајн содржината во светот сега е регулирана според стандарди на грст интернет компании кај кои недостига транспарентност и не се подложени на принципот на проверки типичен за традиционалното владеење. Исто так, се наведува и дека владите ги мониторираат приватните комуникации „како никогаш досега“ преку усвојување закони кои овозможуваат екстензивно дигитално надгледување.
Извор: МИА