Македонскиот активист во Австралија, Даме Крцоски, ко-сопственик на единствената 24 часовна Македонска радио станица надвор од границите на Република Македонија, е кандидат за пратеник на владеачката Либерална Партија за изборната единица Гиравин во Перт, на државните избори во Западна Австралија кој ќе се одржат на 11 Март 2017 година.
Крцоски до скоро беше вработен како советник во кабинетот на поранешниот Австралиски Пратеник Лук Симпкинс, кој е познат помеѓу Македонците во Австралија како политичар кој најмногу се залага за признавање на Република Македонија под нејзиното уставно име.
35 годишниот Крцоски е со потекло од Мешеишта Охридско. Тој за прв пат се доселува во Австралија на 6 годишна возраст.
Во изборната единица Гиравин, каде што главен конкурент ќе му биде актуелната пратеничка од Лабуристичката Партија, Госпоѓата Маргарет Кверк, живеат над 5% Македонци.
Лабуристичката партија ја држи изборната единица Гиравин со само 2.8% повеќе гласови во однос на Либералната Партија, според резултатите од Државните избори на Западна Австралија во 2013та година.
Но, се очекува трката за пратенички мандат да биде неизвесна со оглед на големата подршка која Крцоски ја ужива помеѓу локалното население од македонско потекло.